РАКОМЕТ

Кадетите почнаа со подготовките за квалификациите за ЕП

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија вчера ги почна подготовките за настап на претстојниот квалификациски турнир за пласман на Европското првенство (ЕП) во Црна Гора во 2024 година. Тренинзите треба да траат до сабота, а ќе продолжат на 1 јануари идната година. На списокот на селекторот Наум Танески фигурираат 20 ракометари, со дополнителни шест резерви.
Квалификацискиот турнир за ЕП ќе се игра од 5 до 7 јануари, во салата „Автокоманда“ во Скопје, а ривали на црвено-жолтите им се репрезентациите на Швајцарија (на 5 јануари), Словачка (6 јануари) и на Косово (7 јануари), сите со почеток од 15 часот. Првите две места во групата обезбедуваат пласман на ЕП 2024, на кое ќе настапат 24 селекции.
Состав: голмани: Григор Трајковски, Ѓорѓи Николовски; леви крила: Марко Димовски, Даријан Ѓокески, Филип Велјаноски;.леви бекови: Филип Насевски, Мики Лазов; центар: Лука Лангоски, Јулиан Матески; десни бекови: Александар Ристовски, Петар Илиевски, Теодор Пецаноски; десни крила: Јован Петрески, Максим Гарбевски; пикери: Самоил Ристевски, Александар Славков, Јаков Трајковски; дефанзивец: Матеј Тевдовски. Г.И.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

И покрај лавината, сѐ е подготвено за Четирите скокалници

Ниту лавина не може да го спречи турнирот во скијачки скокови, новогодишната турнеја Четири скокалници, откако, како што објавија организаторите на интернет-страницата на натпреварувањето, 72-то издание на популарниот натпревар во скијачки скокови ќе се одржи на сите четири места, дури и на финалето во Бишофсхофен. Лавината што се случи пред една недела предизвика многу дополнителна работа.
– Благодарение на големата поддршка од сите страни, оштетувањата на косината и на оградата се санирани. Местото за слетување е веќе повторно покриено со снег. Севкупно, имавме до 120 луѓе што работеа од рано наутро до доцна навечер во текот на изминатите неколку дена. Неделава ќе почнеме со фина подготовка – вели Манфред Шуценхофер, претседател на скијачкиот клуб Бишофсхофен и шеф на Организацискиот комитет (ОК).
Минатата недела, мрежата за задржување снег беше скината, предизвикувајќи масите снег да се срушат како лавина и да уништат дел од страничните огради. Шуценхофер и неговиот тим добија помош не само од волонтери и од даватели на услуги од регионот туку и од други организатори на натпревари во Светскиот куп. Покрај Бишофсхофен, дозвола за одржување на Четирите скокалници дадоа и Оберсдорф, Гармиш-Партенкирхен и Инсбрук. Новогодишната турнеја ќе почне со квалификациите во Оберсдорф задутре. Н.М.