ШАХ – ЕКИПНО СП ЗА ЈУНИОРИ, 10. КОЛО
Цел поен за Насков и за Ајрадиноска
По две победи и ремија, односно вкупно три поени е ефектот на осумтемина македонски претставници во претпоследното 10-то коло на поединечното Светско првенство (СП) во шах за јуниори (до 14, 16 и до 18 години) во Монтесилвано (Италија). Цел поен освоија Малакај Насков (1.594 рејтинг-поени) во категоријата до 14 години и Инџи Ајрадиноска (1.594) до 18 години. Половина поен освоија Антон Златков (2.220) до 16 години и Стојан Велкоски (1.985) до 18 години. Преостанатите четворица македонски преставници, Теодор Јовановски (2.140) до 18 години, Никола Бошковски (1.635) до 16 години, Јована Давиткова (1.322) до 16 години и Ивана Велковска (1.157) до 14 години, доживеаја порази.
Кај момчињата најдобар пласман засега има Златков, кој со пет поени (50 отсто) е на 64-то место, меѓу 138 шахисти (меѓу кои шест ИМ, 33 ФМ) од 71 држава. Пет поени има и Јовановски, но е на 78-то место. Кај девојчињата, Ајрадиноска е на 56-то место со 4,5 поени (45 отсто), меѓу 86 шахистки (1ЖВМ, 4 ЖИМ, 1 ФМ, 18 ЖФМ) од 55 држави. На СП играат вкупно 766 учесници во сите категории (450 момчиња и 316 девојчиња) од 92 држави. Г.И.
Екипната младинска лига ќе се игра во два викенда
Во организација на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), во Скопје ќе се одржи екипната Младинска лига за 2023 година. Натпреварите ќе се одржат во два викенда, денеска и утре и потоа на 2 и 3 декември. Екипите и првенствата ќе бидат поделени во возрасни категории до 8, 10, 12, 14, 16 и 18 години. Право да пријават екипа имаат регистрирани екипи во ШФМ, како и други спортски здруженија со решение за вршење дејност спорт од Агенцијата за млади и спорт (АМС), информираат од ШФМ. Г.И.
ФУДБАЛ
Дерби-средби на водечки тимови во Франција, Англија и во Италија
Викендов во најсилните пет домашни фудбалски првенства (Англија, Франција, Германија, Шпанија и Италија) на програмата се неколку дуели меѓу водечки тимови.
Така, синоќа во првенството на Франција се сретнаа првопласираниот ПСЖ и Монако, кој пред ова коло беше на третото место со три бода помалку од лидерот. Тоа беше и дуел на најефикасните екипи во Франција сезонава (ПСЖ постигна 29 гола, а Монако 25).
Во Англија денеска (од 13.30 часот) во Манчестер се среќаваат Манчестер сити и Ливерпул, првопласираните два тима во Премиер-лигата сезонава, кои се разделени со еден бод.
Во шампионатот на Италија, пак, утре на програмата е дуелот на водечките две екипи, откако второпласираниот Јувентус е домаќин на лидерот сезонава, Интер, кој води со два бода предност. Тоа е и дуел на двете најдобри одбрани сезонава во Серија А, откако Интер по 12 кола прими шест, а Јувентус седум гола. Н.М.