ХОКЕЈ – НХЛ-ЛИГА, СТЕНЛИ-КУП
Трета титула за Колорадо, два трофеја за Макар
Колорадо е освојувач на Стенли-купот во канадско-американската хокеарска лига (НХЛ), првпат по 2001 година, вкупно третпат (титули во 1996, 2001 и во 2022 година), по победата над шампионот од 2020 и 2021 година, Тампа Беј, со 4-2, во победи во финалната серија. Колорадо победи во шестиот меч, игран во Тампа, со 2-1. Кејл Макар (23), кој постигна осум гола и имаше 21 асистенција на 20 меча (седум во финалето), беше прогласен за најкорисен играч (МВП) во плејофот. Макар го доби и трофејот наменет за најдобриот одбранбен играч во лигата во регуларниот дел од сезоната и стана само третиот одбранбен играч што ги освоил двата трофеја во истата година. Л.Д.
Ф1 развива синтетичко одржливо гориво
Формула 1 разви синтетичко одржливо гориво, кое ќе биде воведено во 2026 година како дел од нејзината програма да има нето-нула емисии на јаглерод до 2030 година. Синтетичките горива се произведуваат со индустриски процес и при нивното согорување испуштаат само јаглерод што бил искористен од атмосферата за да се направат, пишува „Би-би-си“. Горивото може да се користи во стандардни мотори со внатрешно согорување. Во Ф1 ќе се користи во новата генерација хибридни мотори од 2026 година. Тие ќе го зголемат процентот на моќност произведена од хибридниот дел од моторот во споредба со веќе суперефикасните мотори што се користат од 2014 година, пишува „Би-би-си“.
АТЛЕТИКА
Меклафлин собори сопствен светски рекорд
Олимписката шампионка, Американката Сидни Меклафлин го собори сопствениот светски рекорд на 400 метри со пречки на националниот шампионат во Јуџин (САД), кој е и квалификациски за Светското првенство (СП) во атлетика, кое треба да се одржи во истото место, од 15 до 24 јули. Времето на Меклафлин (22) беше 51,46 секунда, подобро за пет стотинки од она на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио лани.