КОШАРКА – НБА

Тројкaшки пресврт на Бостон за водство во финалето

Бостон поведе со 1-0 во победи во дуелите со Голден стејт во финалната серија што се игра до четири победи, откако славеше на гостински терен во Сан Франциско со 120-108. Бостон, кој беше предводен од Ал Хорфорд со 26 поени, од кои шест тројки, згора и шест скока и три асистенции, пред крајот на третата четвртина губеше со 15 поени разлика, а во последната четвртина влезе со негатива од 80-92, но направи голем пресврт со серија од 17-0. Бостон го доби четвртиот дел со 40-16, со шут за три поени 9/12.
Кај Голден стејт најефикасен беше Стеф Кари со 34 поени и по пет скока и асистенции. Тој постигна шест тројки во првата четвртина, најмногу во една четвртина во историјата на НБА-финалињата.
Следниот натпревар се игра в понеделник наутро, а Голден стејт повторно ќе игра пред своите гледачи. Бостон и ЛА лејкерс се рекордери во НБА-лигата со по 17 титули, а Голден стејт досега освои шест. Голден стејт и Бостон меѓу себе играа и во финалето на НБА во 1964 година, кога победи Бостон со 4-1.


РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА ЈУНИ

Македонија напредувашеза едно место, сега е на 52-та позиција

Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (рејтинг 2.534) и понатаму води на македонската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за јуни годинава, а следуваат ВМ Никола Митков (2.500), ВМ Трајко Недев (2.475), интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.465), ВМ Владимир Георгиев (2.444) итн. Водечка македонска шахистка и понатаму е ЖФМ Моника Стојковска (рејтинг 2.091), а 55-та заедно со машката листа.
Македонија сега е на 52-та позиција (со просечен рејтинг на првите 10 играчи од 2.449 поени), меѓу 153 шаховски федерации во светот, односно напредуваше за едно место во однос на листата во мај. Први се САД (2.732), пред Русија (2.710) и Кина (2.698).
Водечки пет шахисти во светот за јуни се Магнус Карлсен (рејтинг 2.864) од Норвешка, Динг Лирен (2.806) од Кина, Алиреза Фирузја (2.793) од Франција и Фабиано Каруана (2.783) и Левон Аронијан (2.775), двајцата од САД. Кај шахистките убедливо води Јифан Хоу (рејтинг 2.650) од Кина, втора е Александра Горјачкина од Русија (2.599), а трета Ју Венјун (2.560) од Кина.