Фото: ЕПА

ПО ПОБЕДАТА ВО ДЕБИТО КАКО СЕЛЕКТОР

Нагелсман: Направивме многу добар чекор на фудбалски план

Јулијан Нагелсман имаше победнички почеток како селектор на фудбалската репрезентација на Германија во саботата, откако неговите избраници ја совладаа селекцијата на САД со 3-1 во пријателски натпревар на гости.
– Против добра репрезентација, тим со голема брзина, направивме многу добар чекор на фудбалски план. Во второто полувреме, исто така, имавме брзо темпо на игра, но повеќе трпение и контрола. Тоа беше разликата – рече 36-годишниот Нагелсман, пренесе агенцијата „Франс прес“.
Домаќинот на Европското првенство в година, Германија, утре ќе игра нов пријателски натпревар, со Мексико, во Филаделфија (САД), а САД во Нешвил ќе се сретне со Гана.


ТЕНИС – ТУРНИР ВО ШАНГАЈ

Хуркач спаси меч-топка и ја освои втората мастерс-титула

Хуберт Хуркач ја освои својата втора титула на мастерс-турнирот од серијата 1.000 на драматичен начин во неделата на турнирот во Шангај, каде што спаси една меч-топка за победа на дуелот со Андреј Рубљов, со 6-3, 3-6, 7-6, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Во финалето Полјакот имаше 21 ас, освои 81 отсто (57/70) од своите поени за прв сервис, во меч што траеше два часа и девет минути.
– Тоа е толку голем турнир, со многу традиција. Тоа е огромен настан и јас сум навистина среќен сега – рече Хуркач, кој претходно победи на мастерс-турнирот во Мајами во 2021 година, победувајќи го Јаник Синер во финалето.
Хуркач има ефект од седум победи и еден пораз во финалињата на ниво на турнеја, а неговиот единствен пораз е во натпреварот од шампионатот во Монтреал, во 2022 година, пишува АТП. Н.М.


Ф1 ќе се вози на најдолгата патека и во 2025 година

Формула 1 (Ф1) објави дека големата награда на Белгија ќе остане во календарот до 2025 година, по едногодишно продолжување. Иконската патека Спа-Франкоршамп има богата историја во Ф1, откако беше домаќин на 56 трки од првата Ф1-трка во 1950 година и е најдолга патека во тековниот календар со 7,004 километри. Во претходните години патеката претрпе значаен развој на својата инфраструктура, вклучувајќи и зголемување на капацитетот за 10.000 места преку додавање две нови трибини, како и нудење поширок спектар на забава за гледачите, вклучувајќи и додавање концерти во живо, пишува Ф1. Годинава трката ја гледаа 380.000 луѓе во текот на викендот, што е зголемување за 20.000 во однос на изданието во 2022 година.
– Спа е синоним за Формула 1, која беше една од патеките во нашата прва сезона и е многу сакана од гледачите и од возачите, па затоа сум среќен што ќе ја продолжиме нашата соработка до 2025 година – рече Стефано Доменикали, претседател и извршен директор на Формула 1. Н.М.