ЛОИ 2024 – БОРЕЊЕ
Лопез со петтото злато влезе во историјата
Кубанскиот борач Михаин Лопез Нуњез (41) го освои златниот медал во тежинската категорија до 130 кг во грчко-римски стил на ЛОИ во Париз 2024, победувајќи го во финалниот дуел Чилеанецот Јасмани Акоста Фернандез со убедливи 6-0. Лопез на тој начин го освои петтото олимписко злато во својата богата спортска кариера, откако триумфира во категоријата до 120 кг на ЛОИ во Пекинг и Лондон, а во категоријата до 130 кг на ЛОИ во Рио и Токио. Тој стана првиот олимпиец во историјата што освоил пет златни медали. По финалната борба, Кубанецот ги собу своите патики, со што најави повлекување од борењето по неговите шест учества на ЛОИ.
Во оваа категорија бронзени медали освоија Кинезот Линџе Мен, со победа над Абделатиф Мохамед од Египет (5-2), и Иранецот Амин Мирзазадех, кој беше подобар од Азербејџанецот Сабах Салех Шаријати (4-0). Г.И.
РАКОМЕТ – ЕП ЗА КАДЕТИ
Македонија минимално загуби од силната Франција
Машката кадетска репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Наум Танески, минимално со 28-29 загуби од фаворизираната Франција во првото коло на Европското првенство (ЕП) за кадети, кое се игра во Црна Гора. Голот што ги чинеше пораз беше примен во последните секунди од мечот, откако Македонија во финишот успеа да израмни на 28-28, додека на полувремето беше нерешено (14-14). Најпрецизни во редовите на Македонија беа Дамјан Митев со девет и Јован Петрески со шест погодоци, додека голманот Ѓорѓи Николовски имаше 13 одбрани.
Денеска Македонија ќе игра против Германија (12 ч.), а во нејзината група, покрај Франција, се уште Германија и Полска, така што македонските кадети ќе бидат пред тежок предизвик да остварат пласман во следната фаза. Г.И.