ТАЕКВОНДО – ПО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО АЗЕРБЕЈЏАН

Поразот во врвен спорт е нормална работа. Сепак, цела година е уште пред нас, а наше е успешно да го изработиме остатокот до декември, кога и се затвора квалификацискиот циклус за ЛОИ 2024, вели селекторот Костовски

Македонските таеквондисти Дејан Георгиевски во машка и Мила Рељиќ во женска конкуренција не успеаја да освојат медал на Светското првенство (СП), кое вчера заврши во Баку (Азербејџан).

Георгиевски (категорија над 87 кг) во првото коло беше слободен, а во второто загуби од Авганистанецот Али Акбар Амири, кој, пак, во првото коло го совлада Израелецот Александар Филипов. Групата на Георгиевски беше мошне силна, оти во неа беа уште Словенецот Иван Трајковиќ, Чеик Салах Сисе од Брегот на Слоновата Коска, а во полуфиналето можеше да се сретне и со Британецот Каден Канингам, кој е носител на повеќе медали од светски и европски првенства и од летни олимписки игри.
– Поразот во врвен спорт е нормална работа. Сепак, цела година е уште пред нас, а наше е успешно да го изработиме остатокот до декември, кога и се затвора квалификацискиот циклус за Летните олимписки игри во 2024 година. За неколку дена нѐ чека гранпри-турнирот во Рим, потоа Европските игри во Краков – ни изјави селекторот на македонската таеквондо-репрезентација и тренер на Георгиевски, Борче Костовски.

Георгиевски го врзуваат убави спомени токму од Рим, оти лани на овој престижен турнир се закити со бронзен медал.

Рељиќ (категорија до 62 кг), откако во првото коло беше слободна, во второто загуби од Русинка Лилија Кужина.
– Светската шампионка, Кужина, ја запре Рељиќ во второто коло на ова СП. Мила беше една од ретките што двапати успеа да ја удри со нога во главата. Сепак, извонредната Кужина, ги заслужи сите почести и заслужено и доминантно го освои златниот медал – изјави нејзиниот тренер Александар Ефтимов.

И таа при крајот на јуни ќе настапи на Европските игри во Краков. Г.И.