Организаторите, во соработка со ФИДЕ, се стремат да ја направат оваа Олимпијада незаборавно и инклузивно искуство за учесниците и за гледачите, рече претседателот на Светската шаховска федерација, Аркадиј Дворкович
ШАХ – УНГАРИЈА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА 45. ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА
Будимпешта ќе биде домаќин на 45. Шаховска олимпијада (ШО) годинава, настанот ќе биде уште една пресвртница во богатата шаховска историја на Унгарија. Со 12 екипни медали од ШО, Унгарија е една од најуспешните шаховски нации, дом на многу големи шахисти, од Геза Марочи до Андор Лилиентал и од Ласло Сабо до Лајош Портиш, Андраш Адорјан, Золтан Рибли и Петер Леко, вклучувајќи ги и најпрепознатливите унгарски шаховски чуда, сестрите Полгар (Јудит, Сузан и Софија). Затоа не е изненадување што шахот е како дома во Унгарија.
Годинашната Шаховска олимпијада ќе се одржи во спортската сала БОК, еден од најмодерните центри за настани во Унгарија, кој е домаќин на над 120 настани годишно и може да прими до 10.000 луѓе, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Во историскиот чекор кон инклузивност, ШО 2024 ќе пречека тим од бегалци, како што официјално беше одобрено од Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Оваа револуционерна одлука има цел да ја промовира различноста и да ги поддржи раселените поединци, зајакнувајќи го шахот како алатка за позитивни промени. Како дел од посветеноста на настанот за родова еднаквост, организаторите и Светската шаховска федерација ќе настојуваат да го зголемат учеството на женските репрезентации.
Шаховската олимпијада во Будимпешта не само што ќе биде поле за натпревар на светските шаховски репрезентации туку ќе има и други настани, вклучувајќи културни програми и настани за деца. Паралелно со Олимпијадата ќе се одржи Конгресот на ФИДЕ, придружен со одбележување 100 години од формирањето на ФИДЕ.
– Горди сме и среќни што Унгарија ќе биде домаќин на 45-та Шаховска олимпијада, со оглед на неверојатното шаховско наследство и место на земјата во денешниот шаховски свет. Организаторите, во соработка со Светската шаховска федерација, се стремат да ја направат оваа Олимпијада незаборавно и инклузивно искуство за учесниците и за гледачите и да направат тие навистина да се чувствуваат во Унгарија како да се дома – рече претседателот на Светската шаховска федерација, Аркадиј Дворкович.
Со огромна посветеност на Унгарската шаховска федерација и тамошната влада, годинашната Шаховска олимпијада ветува дека ќе биде доказ за шаховското наследство на Унгарија, пречекувајќи ги играчите од целиот свет да се вклучат во благородната игра на стратегија и интелект. Наскоро ќе биде пуштен во употреба порталот за регистрација и Организацискиот одбор ќе почне со предрегистрација на селекциите и делегации на Конгресот. Деталната регистрација ќе биде достапна на истата интернет-страница од 10 март годинава, информира ФИДЕ. Г.И.