Домаќините на СП освоија шест злата, две сребра и три бронзи
ФУДБАЛ
На досегашните 21 светско првенство (СП) во фудбал, домаќини биле 17 земји, пет од нив по двапати (Мексико, Италија, Франција, Германија и Бразил), а шест пати домашната селекција станала и светски првак. Покрај тоа, домаќините на мундијалите освоија и две сребра и три бронзи, вкупно 11 медали.
Шампионската низа на домаќините ја почна Уругвај веќе на првото СП, во 1930 година, а продолжи четири години подоцна, во Италија. Потоа следуваше пауза од 32 години, до титулата на Англија во 1966 година. Во 70-тите години на минатиот век следуваа две едноподруго домашни титули, прво на Германија во 1974 година, а на следното светско првенство на свој терен славеше Аргентина. Шестиот светски шампион на домашен терен е Франција, во 1998 година.
Од нив само Уругвај до трофејот стигна само со победи (четири триумфа на четирите меча), без нерешен резултат (Англија) или пораз (Германија и Аргентина) во групната фаза на турнирот или, пак, победа во повторен натпревар (Италија) или на пенали (Франција) во нокаут-средбите. Од домаќините во финале на СП, пак, играа Бразил во 1950 година и Шведска во 1958 година, а трети места освојуваа Чиле во 1962 година, Италија во 1990-та и Германија во 2006 година. Од земјите што по двапати беа домаќини на СП, Италија и Германија освоија по едно злато и бронза, Франција една титула и еднаш играше меѓу осумте најдобри, Бразил има едно сребро и едно четврто место, а Мексико двапати беше четвртфиналист.
Бразил сите титули ги освои на гости или на неутрален терен
Репрезентацијата на Бразил е најтрофејна, со пет титули на светските првенства (СП) во фудбал, сите освоени на гости или на неутрален терен (на СП во Шведска, Чиле, Мексико, САД и на првенството во Јужна Кореја и во Јапонија). На листата со репрезентации со титули освоени кога не биле домаќини на СП следуваат со по три Италија (победи во Франција, Шпанија и во Германија) и Германија (во Швајцарија, Италија и во Бразил), а по една освоија Уругвај (во Бразил), Аргентина (во Мексико), Шпанија (во Јужна Африка) и Франција (во Русија). Сребрени медали имаат Германија (четири), Аргентина (три), Италија (два), Бразил (еден), Франција (еден)… Само Уругвај и Бразил, пак, освоија титула на првенство со победа во финале токму против домаќинот (Уругвај со Бразил во 1950 година, а Бразил со Шведска во 1958 г.).