Сѐ поголемата популарност и гледаност на шаховската игра на разните стриминг-платформи се резултат на фактот што сѐ повеќе шахисти користат компјутер и интернет. Има помалку салонски ремија, а повеќе силни турнири со врвни шахисти, во кои може да се види витешка борба со возбудливи партии до „голи“ кралеви, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски

Шаховските турнири очигледно стануваат сѐ поприсутни и погледани преку интернет. Од гранпри-серијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), која е во тек, првиот турнир неодамна во Берлин стана еден од најатрактивните шаховски настани во овој шампионски циклус, откако повеќе од 400.000 луѓе ги следеа ексклузивните преноси на мечевите во живо преку повеќе шаховски платформи.
Засега, ненадминат е последниот меч на светската титула, лани во ноември и во декември, во кој актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, го победи Русинот Јан Непомнијашчи во 11 партии и петти пат ја освои светската круна. Тој меч во Дубаи (ОАЕ) засега е најгледаниот шаховски настан на стриминг-платформите во историјата на шаховската игра, пишува порталот „Еспорт чартс“.
– Сѐ поголемата популарност и гледаност на шаховската игра на разните стриминг-платформи се резултат на фактот што сѐ повеќе шахисти користат компјутер и интернет. Младите, но и постарите љубители на шахот, сега се редовни гледачи и корисници на интернет. Има сѐ помалку салонски ремија, а сѐ повеќе силни турнири со врвни шахисти, во кои има витешка борба со возбудливи партии до „голи“ кралеви. Развојот на технологијата, достапноста, брзината на информирањето, секако, си го прават своето – вели членот на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Зоран Стојчевски.

Мечот Карлсен – Непомнијашчи се чини го следеа дури и оние што отсекогаш биле малку подалеку од шахот. Рекордот за гледачи на стриминг-платформите беше соборен вториот ден од тој меч (максимална гледаност 401.412), а потоа беше подобрен неколкупати. Во 11-та партија, максималната гледаност беше 433.716, во седмата 455.640, во петтата партија 459.412 и потоа во шестата 613.439, што е рекорд. Интересно е и тоа што покрај многуте гледачи што ја следеа шестата партија од мечот, која ја доби Карлсен, таа партија стана и најдолгата во историјата на мечевите за светски првак во шах, оти се одиграа 136 потези и траеше вкупно седум часа и 45 минути. Вкупно гледачите на тој меч поминале повеќе од 12,6 милиони часа во гледање на преносот, што е двојно повеќе колку и на мечот за светски првак во 2018 година. Просечната гледаност во мечот за светската титула во 2021 година, пак, беше 239.700 гледачи, што е речиси 2,5 пати повеќе отколку на претходниот меч за титулата.
Овој шаховски настан е убедливо најгледаниот на платформите за стриминг во историјата на шахот. Претходно, професионалните турнири ги гледаа помалку од 300.000 гледачи. Притоа треба да се има предвид дека мечот за светски првак собра повеќе гледачи меѓу сите други шаховски натпревари, вклучувајќи ги и аматерските со најпопуларните содржини на Твич и на Јутјуб, кои редовно привлекуваат илјадници гледачи. Двете најголеми шаховски компании во светот „Чес“ и „Чес24“ дадоа огромен придонес за високата гледаност. Тие организираа десетици преноси на различни платформи и јазици и собраа мнозинство гледачи. Највисоките бројки беа постигнати од главниот канал Твич на англискиот јазик на Чес. Имаше 140.000 гледачи и просечна публика од 44.600 луѓе.

– Светското првенство е постојано најважниот настан во глобалниот шаховски календар, а рекордната гледаност на Чес и на Твич е одраз на тоа значење, како и нашата најдобра продукција на содржини во својата класа. Продолжуваме да поставуваме стандарди за создавање шаховска содржина низ платформи и очекуваме да достигнеме нови височини во 2022 година и пошироко – вели Остин Гаспарини, директор за развој на бизнис во Чес.
Чес24, пак, стана лидер на Јутјуб. Нејзиниот главен канал на англиски јазик достигна 88,1 илјади гледачи, со просечна публика од 40.800 луѓе. Овој канал стана и лидер по вкупен број прегледи меѓу сите канали на турнирот.
– Горди сме што Чес24 даде еден од најголемите придонеси за рекордните бројки како лидер на јутјуб-платформата за стриминг. Овие бројки на гледаност го потврдија нашето верување дека шахот не доживеа еднократен бум во последните години, туку вкупно зголемување на интересот што ќе доведе до зголемување на популарноста на шахот во наредните години – вели Аркус Фредриксон, главен извршен директор на Чес24 и на „ГО Плеј Магнус-групата“.


Данчевски: Поголем број млади посериозно му се посветуваат на шахот

Популарноста на шахот во претходните неколку години е многу зголемена. Една од причините што гледаноста на интернет-мечевите е во постојано зголемување е фактот дека се појавуваат поголем број млади луѓе што посериозно му се посветуваат, но, исто така, и голем број аматери што ја откриле шаховската убавина. Самиот Магнус Карлсен со сета негова инвестиција во интернет-шахот го поседува Чес 24 и интернет-шаховските турнири со милионски суми награден фонд, исто така, го зголемија интересот. Тука мора да ја споменеме и филмската серијата „Дамин гамбит“, која особено кај аматерската публика остави силно влијание и создаде нови вљубеници во шаховската игра, вели искусниот шаховски тренер Орце Данчевски.