Новата серија, која е создадена за да ги максимизира можностите и потенцијалот на младите возачки да го достигнат највисокото ниво во мотоспортот, вклучува пет тима, почнува на 28 април и ќе има 21 трка во седум тркачки викенди

АКАДЕМИЈА Ф1

Болидите и возачките на Академијата Ф1 првпат излегоа на патеката неделава во Барселона, кога почнаа претсезонските тестирања за серијата целосно за жени, пишува „Скај спорт“.
Пред почетокот на инаугуративната сезона на серијата на 28 април во Австрија, 15-те возачки имаа два дена да ја тестираат својата нова машинерија на патеката Барселона – Каталуња.
Новата серија, која е создадена за да ги максимизира можностите и потенцијалот на младите возачки да го достигнат највисокото ниво во мотоспортот, вклучува пет тима, АРТ, Кампос, Карлин, МП Мотоспорт и Према, а секој влегува во три автомобили.
Сезоната ќе има 21 трка во седум тркачки викенди, од кои последниот се одржува како настан за поддршка на големата награда на САД на Формула 1 во Остин, во октомври.
Другите трки се на патеките Спилберг (Австрија), Валенсија (Шпанија), Барселона (Шпанија), Зандворт (Холандија), Монца (Италија) и Ле Кастел (Франција).
Шампионатот во 2024 година ќе се одвива исклучиво заедно со Ф1 на гранпри-викендите. Н.М.