Репрезентацијата една недела ќе тренира во Струмица, а потоа ќе отпатува за Марибор, каде што на 24 и 25 мај ќе одигра пријателски двомеч со Хрватска, како проверка во пресрет на натпреварите од Европската златна лига, во која ќе игра со Словачка, Финска, Летонија, Грција, Црна Гора и со Израел
ОДБОЈКА
Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, денеска во х. „Горан Пандев“ во Струмица, ги почнува подготовките за настапот во Европската златна лига. Селекторот Јошко Миленкоски повика 16 репрезентативци. Селекцијата една недела ќе тренира во салата „Парк“ во Струмица, а потоа ќе отпатува за Марибор, каде што на 24 и на 25 мај ќе одигра пријателски двомеч со Хрватска, како проверка во пресрет на натпреварите од Европската златна лига, информира Одбојкарската репрезентација на Македонија (ОФМ).
Годинава во Европската злата лига ќе учествуваат 12 репрезентации, и тоа Македонија, Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел. Како и во претходното издание така и во ова ќе се игра според т.н. швајцарски систем, односно ќе има три турнира, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на еден турнир. Трета година во низа како дел од силното континентално натпреварување, Македонија почнува со мечеви од 6 до 8 јуни во Братислава (Словачка), каде што ќе се сретне со домаќинот и со Финска. Вториот турнир е една недела подоцна во Рига, со мечеви со Летонија и со Грција. Македонија ќе биде домаќин на третиот турнир, од 20 до 22 јуни во Струмица, кога ќе ги пречека Црна Гора и Израел. По комплетирањето на турнирите ќе биде формирана заедничка табела, од која првите четири селекции ќе обезбедат учество на финалниот турнир, на 5 и на 6 јули во Брно (Чешка). Машката репрезентација од 2014 година постојано игра на годишните натпреварувања на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) и досега освои два сребрени и четири бронзени медали. Г.И.