ЏУДО – ЕВРОПСКИ КУП ЗА КАДЕТИ ВО УНГАРИЈА

Теона Настоска (категорија до 44 кг) го освои седмото место, а Теа Настоска остана без пласман на Европски куп во џудо за кадети и за кадетки, кој се одржа во унгарскиот град Ѓер. Репрезентативките на Македонија беа предводени од селекторот Дејан Мицкоски и тренерот Мики Чадамов.
– Во мошне силна конкуренција, Теона Настоска во четврт-финалето доминираше против претставничката на Романија и до пред крајот на борбата водеше во поени, но таа заврши со пораз на поен-ипон, со што не успеа да се пласира во полуфиналето. Во репесажната борба за влез за борба за третото место настапи со полесна повреда на вратот, а демотивирачки влијаеше и поразот од претходната борба, па загуби и со тоа пропадна шансата за медал на вакво престижно натпреварување – ни изјави селекторот Мицкоски, кој со Чадамов, сепак, е задоволен од нивниот настап, со оглед на фактот дека и двете џудистки дебитираа на натпреварување од ваков ранг, каде шо искуството се покажа како пресудно. Г.И.