По 32-ри пат и со учество на над 350 мотоциклисти од земјава и светот, се одржа моторелито „Македонија независност“. Мотоциклистите стартуваа од главниот град за попатно да имаат две ноќевања Дојран и Охрид и да поминат над 2.000 километри по друмовите ширум нашата земја. Претседателот на Мотофедерацијата Зоран Трајковски беше исклучително задоволен од ова мото издание кое протекна без инциденти или повреди на некој од учесниците.
– Во изминативе три дена по 32-ри пат се одржа традиционалното мото рели „Македонија независност“. На ова рели зедоа учество над 350 мотоциклисти од кои над 30 беа од странство и тоа од Швајцарија, Австрија, Словенија, Хрватска, Романија, Бугарија и други земји. Дел од учесниците од странство за првпат беа дел од ова рели, додека останатите и претходно учествуваа на релито „Независност“. Најстариот учесник на релито за годинава беше професорот Павле Павлов со 72 години, а завиден е бројот и на мотоциклисти кои повеќе од триесет пати беа дел од ова моторели – истакна претседателот на Мотофедерацијата, Зоран Трајковски кој беше презадоволнен што тридневното дружење помина без поголеми инциденти и тоа на задоволство на сите учесници. З.А.