ТЕНИС
Најголемиот стадион во нашиот спорт, најгласниот стадион во нашиот спорт. Тоа е големината. Тоа е ехото поради конструкцијата на покривот. Сѐ е комбинирано, рече Новак Ѓоковиќ. „Никогаш не сум бил во толку гласна атмосфера. Имаше 23.000 луѓе, а се чувствуваа како 23 милиони“, рече Френсис Тиафо
Отвореното првенство на САД во тенис е гласно. „Лудо гласно“ го нарече полуфиналистот од 2022 година, Френсис Тиафо. Таму се авионите, возовите, музиката меѓу гемовите. Не ја пуштаат „Danza Kuduro“ од Дон Омар и Лученцо или „Move Your Feet“ од „Јуниор Сениор“ на централниот терен на Вимблдон, како што звучниците ечеа за време на победата на Коко Гауф во првото коло на стадионот „Артур Еш“ во Њујорк во минатиот понеделник, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). А тука се и гледачите, кои не нужно не се придржуваат до видот на декорот што често се поврзува со тенисот. Тие викаат, свиркаат и аплаудираат и особено се бурни на централниот стадион, кој е со капацитет за 23.000 луѓе, најголем на кој било од четирите гранслем-турнири во тенисот и тоа навистина помага САД опен да биде најбучниот гранслем-турнир, пишува АП.
– Најголемиот стадион во нашиот спорт, најгласниот стадион во нашиот спорт. Тоа е големината. Тоа е ехото поради конструкцијата на покривот. Сѐ е комбинирано – рече Новак Ѓоковиќ по победата на тој терен во понеделникот.
Кога голема ѕвезда е на тој терен или кога се натпреварува Американец, татнежите стануваат доволно диви. Кога станува збор за некој како Гауф, која одговара на двете категории, го добивате тоа што се случи во понеделникот. Додадете и покрив што се повлекува, кој го запечатува местото и го задржува целиот звук внатре.
– Никогаш не сум бил во толку гласна атмосфера. Тоа беше една од најлудите атмосфери во кои сум бил. Имаше 23.000 луѓе, а се чувствуваа како 23 милиони – рече Тиафо.
Гледачите на САД опен се дефинитивно позабележителни за играчите отколку оние на Вимблдон и на Ролан Гарос, пишува АП.
– Ох, тие се побучни, сигурно. Во тенисот, навикнати сме да биде мошне тивко за време на поените. Можеби затоа што стадионите тука се огромни и луѓето се навикнати да одат да гледаат спортови како кошарка, бејзбол или американски фудбал, каде што можат да разговараат или да викаат. Културата околу тоа е различна – рече Каролин Гарсија, француска тенисерка, која стигна до полуфиналето во Њујорк во 2022 година
Тоа значи, како што објасни шампионот на САД опен од 2016 година, Стен Вавринка: „Треба малку да го приспособите вашиот фокус“.
Има мобилни телефони што ѕвонат, повремено татнење на затворениот покрив или брмчење на системот за вентилација на воздухот.
– Затоа се мачев на овој стадион – рече 18-кратната гранслем-шампионка во сингл Мартина Навратилова.
Таа победуваше на секаков вид подлога и амбиент во нејзината кариера, така што идејата дека околината може да влијае на неа е тешко да се замисли, сѐ додека не ја објасни важноста на звукот за тенисерите.
– Прво го слушате топчето и потоа го гледате. Тоа ви помага да го следите топчето. Кога го немате тој сензорен влез, тоа е како „каде е топчето? – рече Навратилова.
Грмежите доаѓаат и многу подалеку од „Артур Еш“. Авионите се рано во нивното искачување додека заминуваат од аеродромот „Ла Гвардија“ оддалечен околу осум километри. Возовите на метрото што поминуваат може да се слушнат, како и свирење на автомобилот надвор од соседниот „Сити филд“, домот на Њујорк Метс. Не е возможно да се елиминира сето тоа, или сирените што му пречеа на Ник Кирјос во минатата година или напливот на капки дожд за кои Енди Мареј еднаш се пожали дека удирале на затворениот покрив, пишува АП.
Се очекува тениските гледачи да не аплаудираат и да не викаат додека не завршат поените, но тешко е да се замолат илјадници да молчат. Навратилова сето тоа го спореди со обидот да се натпреварува со слушалки од кои се слуша музика.
– Ќе се изгубите – рече таа.
Или, во најмала рака, ќе бидете збунети, пишува АП.