Тенисерите ќе поделат вкупно 44,7 милиони фунти, шампионите ќе добијат по 2,35 милиони фунти, а второпласираните по 1,175 милион, колку што заработија играчите во тие кола на турнирот пред пандемијата, во 2019 година

ТЕНИС

Организаторите на претстојниот тениски гранслем-турнир Вимблдон објавија дека вкупниот награден фонд за годинашниот настан ќе биде рекордни 44,7 милиони фунти. Паричните награди годинава (не вклучувајќи ги дневниците) се зголемени за 11,2 отсто во однос на 2022 година и 17,1 отсто од првенството пред пандемијата, во 2019 година, објави Вимблдон. Турнирот треба да почне на 3 јули.
Шампионите во поединечна конкуренција за мажи и за жени ќе добијат по 2,35 милиони фунти, а второпласираните по 1,175 милион фунти, колку што заработија тенисерите во тие кола на турнирот во 2019 година.
Распределбата на паричните награди продолжува да ѝ дава значење на поддршката на тенисерите во раните кола на турнирот во Лондон. Така, наградниот фонд за квалификацискиот турнир доби зголемување од 14,5 отсто во однос на лани, а играчите што ќе загубат во првото коло на главниот турнир ќе добијат по 55.000 фунти, што е зголемување од 10 проценти во споредба со 2022 година.
– Среќни сме што им нудиме рекордни парични награди на играчите што се натпреваруваат на шампионатот годинава, со двоцифрени зголемувања на повеќето настани. Нашата амбиција со оваа дистрибуција е да ги вратиме наградите за шампионите и за второпласираните на нивоата од 2019 година, пред пандемијата, а, покрај тоа, да обезбедиме заслужена поддршка за играчите во раните рунди на турнирот – вели Иан Хјуит, претседател на клубот Ол Ингланд. Н.М.