Шпанецот Карлос Алкараз попладнево го победи германскиот тенисер Александар Зверев во финалето на гранслем-турнирот Ролан Гарос со резултат 3-2 (6-3, 2-6, 5-7, 6-1 и 6-2 по сетови), во меч што траеше 4 часа и 20 минути.
Шпанецот отсервира три аса, направи шест двојни грешки и реализира девет брејк-топки од вкупно 16 шанси. Зверев имаше осум ас-сервиси, шест двојни грешки и шест реализирани брејк-топки од вкупно 23 можности.
Алкараз за првпат во кариерата го освои Ролан Гарос. Претходно ги освои САД опен (2022) и Вимблдон (2023). Шпанецот ги освои сите три гранслем-финалиња во кариерата на кои беше учесник.
Зверев вторпат во кариерата стигна до финале на гранслем-турнир и повторно загуби. Во 2020 година, тој загуби од Доминик Тим во финалето на САД опен.
Водечката светска тенисерка Ига Швјонтек вчера ја победи Италијанката Јасмине Паолини со 6-2 и 6-1 во финалето во женска конкуренција .
Вкупниот награден фонд на гранслемот во Париз изнесуваше 53,5 милиони евра.