Натпреварите почнуваат денеска со индивидуален настап, а в сабота се финалните натпревари, индивидуално и екипно

КАЈАК – ЕП ЗА СЕНИОРИ НА МАТКА

За нас од големо значење е да покажеме зрелост и способност за успешна организација на едно ЕП. Кајакарската федерација е активно посветена во овие случувања на меѓународната сцена и е вистински промотор на овој спорт кај нас, изјави на вчерашната прес-конференција директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, во пресрет на Европското првенство (ЕП) во кајак за сениори, кое во конкуренција на натпреварувачи од 18 држави ќе се одржи од денеска до сабота на Матка крај Скопје.
Натпреварите почнуваат денеска со индивидуален настап. Утре е екипното возење на репрезентациите, како и трката на ветераните. За в петок е предвидено да се вози дисциплината спринт, а в сабота, пак, се финалните натпревари, како индивидуално така и екипно.
– Од година на година кајак-натпреварувањето во нашата држава е сѐ подобро, а ова го препознаваат Светската и Европската кајак-федерација, па се надеваме дека во иднина ќе добиеме и организација на некое Светско првенство – истакна претседателот на Кајакарската федерација на Македонија, Дрилон Леши.
Свеченото отворање беше закажано за синоќа во МКЦ во Скопје. Г.И.