АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ФИС ЗА НОВАТА СЕЗОНА ВО СВЕТСКИОТ КУП

Новата сезона на Светскиот куп (СК) во алпско скијање почнува на 22 октомври, а Светската скијачка федерација (ФИС) објави дека сезонава треба да има 41 трка за жени и 42 за мажи (лани се одржаа по 37 во двете конкуренции, со по неколку откажани трки), а вкупниот награден фонд треба да се зголеми за 10 проценти, на најмалку 132.000 швајцарски франци, информира ФИС на својата интернет-страница.

Сезоната треба да почне, како што беше случај повеќе години претходно, во Зелден (Австрија), со трките во велеслалом за жени и за мажи, а веќе на 29 и 30 октомври е отворањето на сезоната на брзински трки, со двата спуста за мажи на првата меѓугранична патека во СК, Зермат-Червиниа, на границата меѓу Швајцарија (старт на трката) и Италија (цел на трката). На 5 и на 6 ноември се спустовите за скијачките на истата патека. Почетокот на патеката е на 3.800 метри надморска височина и тоа ја прави оваа трка не само највисоката трка во спуст во календарот за СК туку и првата трка од СК во алпско скијање на глечер (со две третини од патеката е на глечерот), пишува на официјалната страница на трката.

Титулите во СК во ланската сезона ги освоија Микаела Шифрин (САД, четврта титула) и Марко Одермат (Швајцарија, прва титула).

Врв на сезоната во алпско скијање треба да биде Светското првенство во Куршевел-Мерибел (Франција) од 6 до 18 февруари.