ШФМ се обидува да ги анимира што повеќе девојчињата, притоа организиравме кампови за активните шахистки, а поднесовме проект и до ФИДЕ, која потоа ни одобри одредени средства за развој на женскиот шах. Но мора да се направи и генерален маркетиншки план, како повеќе да се допре и до тие девојчиња што не се во шахот и да им се објасни дека тој е корисен за нив, вели поранешната претседателка на ШФМ, а сега членка и во новиот УО, Александра Гакидова

ШАХ – ЗОШТО ЖЕНИТЕ ПОСТИГНУВААТ ПОСЛАБИ РЕЗУЛТАТИ ОД МАЖИТЕ

Постојат ли, генерално, во општеството толку многу тешкотии и социјални граници за жените, кои се пречки за поголема рамноправност во шаховската игра со мажите? Дали половата разлика е главната причина или, пак, можеби податокот што мажите и жените не играат заедно или едноставно жените се потценети? Зошто во првите 100 на светот има само една шахистка, Кинеската Хоу Јифан (83-та)? Што треба да се стори на овој план за оваа разлика да се намали, што презела и ќе презема Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) на овој план?
– Проблемот не е само кај нас туку е и на глобално ниво. Додека бев претседателка на ШФМ, на овој план се обидувавме да го популаризираме шахот и кај девојчињата. Турнирите секогаш беа отворени, на секој турнир имаше награда за најдобра женска табла, а имаше и специјални женски турнири. ШФМ се обидува да ги анимира што повеќе девојчињата, притоа организиравме кампови за активните шахистки, а поднесовме и проект до ФИДЕ, која потоа ни одобри одредени средства за развој на женскиот шах. Но, покрај тоа што работевме да ги задржиме девојчињата што сега ги имаме во шахот, мора да се направи и генерален маркетиншки план, како повеќе да се допре и до тие девојчиња што не се во шахот и да им се објасни дека тој е корисен за нив. Значи, едната насока е задржување на девојчињата што и сега се шаховски активни, а втората е како широката јавност, девојчињата и нивните родители, медиумски да се информираат дека шахот е корисен за нив, притоа укажувајќи дека денес имаме македонски примери на успешни девојки, жени, мајки, образовани, со докторски титули и успешни во работата, односно комплетни личности, кои порано биле шахистки, а некои и сега играат шах. Тоа што не се еднакви по постигнувањата на таблата со момчињата е повеќе психолошки проблем. Додека се девојчиња, тие зависат од родителите, потоа создаваат семејство, се грижат за него, за домот и тоа ги одвлекува порано од шахот, за разлика од машките – вели поранешната претседателка на ШФМ, Александра Гакидова, а сега членка и во новиот УО на ШФМ.
ФИДЕ ја одреди 2022 година како „Година на женскиот шах“. Претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, на официјалната интернет-страница на ФИДЕ вели дека може да се направи многу повеќе за да им се помогне на жените да напредуваат до самиот врв, а нивниот број да се зголеми.

– Мислам дека во последно време генерално се надминуваат социјалните граници за жените, а на некој начин и светот се стреми кон полова еднаквост. Што се однесува до шахот, сигурно и генетиката има удел во тоа што жените се послаби од мажите, бидејќи шахот е пред сѐ борбена игра, бара храброст и одлучност, за што генетички мажите се поподготвени. Но исто така и бројот на девојчиња што почнуваат со шахот е помал од бројот на момчиња, па затоа е потребна нивна поддршка и мотивација за да продолжат понатаму. Наградниот фонд во Македонија за женска награда, како и хонорарите за жени се демотивирачки, што уште повеќе го намалува и онака малиот број шахистки. Исто така, немањето женско поединечно првенство со пристоен награден фонд е уште еден проблем за развој на женскиот шах во Македонија – вели првата табла на македонската репрезентација, ЖФМ Моника Стојковска.
Шахистката со највисок женски рејтинг во историјата, Унгарката Јудит Полгар (2.735 и осма во светот во 2004-та), која играше со мажите, во една пригода за „Гардијан“, по ова прашање, изјави: „Не е до биологијата. Исто толку е можно жената да стане најдобра како и секој маж. Но, генерално, постојат многу тешкотии и социјални граници за жените во општеството. Тоа е она што ги блокира“.
Како почесен директор на Шаховска конференција во Лондон 2019, со тема „Зајакнување на женскиот шах“, Полгар напиша: „Мислам никогаш да не ги разделувам девојчињата и момчињата, ниту да доделувам специјални награди за девојчиња. Во меѓувреме, националните федерации ги користат своите ресурси, а јавните субвенции создаваат повеќе турнири само за жени. Крајно време е да се разгледаат последиците од оваа сегрегација, оти, на крајот, нашата цел мора да биде жените и мажите да се натпреваруваат едни со други на еднаква основа“.
Репрезентативката Сања Трајковска вели дека генетичките предиспозиции не се причината за помалата застапеност на жените во шахот.

– Мислам дека генетичките предиспозиции не се причината за помалата застапеност на жените во шахот. Генерално мислам дека шахот се смета за машка игра и затоа мажите се побројни од жените. Шаховските партии можат да траат по неколку часа, мажите се физички и поиздржливи и можеби и затоа и постигнуваат подобри резултати. Машкиот и женскиот шах не се исто платени и многу е потешко жена да биде професионалец и да живее од шах. Во последно време се менува нешто во однос на женскиот шах во светот и во Македонија, а ако продолжи ваквиот тренд мислам дека жените достојно ќе им парираат на мажите во оваа игра – смета репрезентативката Сања Трајковска.
Интересно размислување има и поранешната македонската шахистка и шампионка, која има постигнато највисок рејтинг во македонскиот женски шах (2.150), д-р на математички науки Билјана Крстеска, во шахот попозната како Веруш додека беше активна.

– Разликата во постигнувањата, не само во шахот, ги забележувам и во натпреварите по математика. Од најрана возраст па до зрелост, момчињата се поуспешни, а се натпреваруваат и учат од ист материјал. Тука се сите разлики нивелирани, зашто училиштето е еднакво за сите. Мислам, структурата на мозокот, густината на невронските врски и слично, сигурно имаат свое влијание. Треба да се бара врска на интелигенцијата со структурата на мозокот кај мажите и жените. Ама постојат многу видови интелигенции. Конгнитивноста е секако важна кај шахот. Мислам дека социјалниот момент нема големо значење, никој не ги дискриминира жените во поглед на шахот, а кај поновите генерации работите стојат обратно, некако девојките генерално ги имаат доведено момчињата во подредена положба – вели Крстеска.
Но се чини работите полека се менуваат и дека дојде време да се срушат многу стереотипи. Па, и не е случајно што шахот веќе е вклучен во училишните програми во триесетина држави како една од алатките што ги учат учениците да размислуваат и планираат однапред, брзо и внимателно да разгледуваат повеќе опции и да го разберат значењето и на победата, но и достоинствениот пораз. Почнува ли новата партија шах?


Данчевски: Процес што бара долгорочен ангажман од двете страни

Многу комплексно прашање, кое треба да се разгледува од повеќе аспекти. Но најважен, според мене, е историскиот долгорочен период на потчинетост на жената во однос на мажот, каде што мажот поради својата физичка доминантност успеал да наметне и интелектуална супериорност врз жените. Тоа влијание до денес е многу силно преку разните стереотипи што дејствуваат во потсвеста на жената. Според мене, колку побрзо се ослободиме од сите тие стеги на секое општествено ниво толку побрзо ќе дојдеме до вистинското израмнување помеѓу мажот и жената, ако навистина и го сакаме тоа. Mислам дека тоа е процес што бара долгорочен ангажман од двете страни, но практиката ни покажува дека ќе оди тешко. Само се надевам дека нема да ни треба исто толку време колку што е потрошено во едниот правец, коментира искусниот интернационалниот мајстор (ИМ) и шаховски тренер Орце Данчевски.

[email protected]