Сите сме оптимисти и нестрпливи во очекување на едниот и другиот настан. Исто така очекуваме нешто големо за Македонија и за македонската одбојка, вели селекторот Јошко Миленковски. Овој пат ќе играме во Сребрената европска лига. Се надевам дека ќе го покажеме она што го работиме и на теренот со многу борбеност и срце за Македонија, смета репрезентативката Емилија Попјордановска
ОДБОЈКА – НА 100 ДЕНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА МАЖИ
Македонската машка одбојкарска репрезентација, предводена од селекторот повратник Јошко Миленковски, со несмален интензитет ги продолжува подготовките во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, по претходно одржаните седумдневни подготовки во Маврово, а во пресрет на Златната лига на Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ). Црвено-жолтите се во групата Б, а првиот натпревар во ова натпреварување треба да го играат на 27 мај со Украина во Лоѓ (Полска), а првиот дуел на домашен терен е со Белгија, четири дена подоцна, во Скопје. Хрватска и Украина лани играа на фајналфор-турнирот на Златната лига (Хрватска беше трета, Украина четврта), а Белгија во таа конкуренција го освои седмото место.
Преостанатите четири меча од оваа група се играат во јуни, и тоа со Хрватска (на 3 јуни дома и на 14 јуни на гости), Белгија (на 10 јуни на гости) и со Украина (18 јуни дома). Но, истовремено, овие подготовки и натпревари и тоа како се добредојдени за годинашното Европско првенство во август и во септември, на кое Македонија е еден од четирите домаќини, заедно со Италија, Бугарија и со Израел.
– На 100 дена до почетокот на Европското првенство, еден од најголемите настани во нашата спортска историја, а една недела до почетокот на Златната лига, која, пак, ќе ни послужи токму за подготовки за овој голем настан, сите сме оптимисти и нестрпливи во очекување на едниот и другиот настан. Исто така очекуваме нешто големо за Македонија и за македонската одбојка – вели селекторот Јошко Миленковски.Во Скопје ќе се играат мечевите во групата Ц, во која се и репрезентациите на Полска (носител на бронза на ЕП 2021), Холандија, Чешка, Црна Гора и Данска, со која Македонија ќе игра во првото коло. Првите четири селекции од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето. За Македонија тоа ќе биде трето учество во низа на континенталните шампионати, по дебито во 2019 година во Љубљана (Словенија), кога беше освоено 17-то место, и во 2021 година во Тампере (Финска), со пласман на 23-то место.
– Влеговме во оваа втора фаза од подготовките, по оние седумдневни во Маврово. Сѐ се одвива во најдобар ред. Здравствениот билтен е добар и тоа ме радува. Продолжуваме со засилено темпо да работиме на воигрување на репрезентацијата и полека влегуваме во натпреварувачки ритам – вели Владо Милев.Шансите за пласман во втората фаза, односно меѓу првите четири селекции што одат понатаму во групата Ц, Македонија би требало да ги бара во првите две кола, односно против репрезентациите на Данска и Црна Гора, но може и Чешка во последното коло, која се очекува да настапи во подмладен состав. Прв фаворит е секако Полска, тука е и мошне квалитетната Холандија, која, како што е познато, играше во финалето против Италија на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Барселона во 1992 година. Г.И.
Одбојкарките на европска сцена
По повеќе од една деценија, македонската женска сениорска одбојкарска репрезентација ќе се врати на меѓународната сцена во оваа конкуренција. Националниот состав предводен од селекторот Стефан Пауновиќ, кој, исто како и машкиот репрезентативен состав, се подготвуваше најпрво во Маврово, а сега во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе игра во Европската сребрена лига.
– По долги години, повторно настап на женската сениорска репрезентација на Македонија на меѓународна сцена. Овој пат ќе играме во Сребрената европска лига. Подготовките се одвиваат во најдобар ред, здравствениот билтен кај сите девојки е добар. Тренираме напорно, условите се добри. Благодарност до сите што се ангажираа да се врати женската сениорска репрезентација. Се надевам дека ќе го покажеме она што го знаеме, она што го работиме и на теренот со многу борбеност и срце за Македонија – оптимистка е Емилија Попјордановска.
Ривалки на Македонките во оваа лига се репрезентациите на Австрија, Естонија и Летонија.
Дневна влезница од осум до 12 евра
Влезниците за годинешното Европско првенство (ЕП) за мажи, чиј домаќин во групата Ц ќе биде Скопје, веќе одамна се пуштени во продажба, а сите натпревари ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“. Покрај Македонија, љубителите на одбојката ќе можат во живо да ги гледаат и велесилите како што се Полска и Холандија, потоа Данска, Чешка и Црна Гора. Влезниците се прифатливи и се продаваат во две категории. Така, дневна влезница за сите дуели во еден ден чини од осум до 12 евра (500-750 ден.) во зависност од местото во салата, а може да се купи онлајн на линкот CEV EuroVolley 2023 Men | Day Tickets.
Пакет влезници за сите дуели се продаваат по цена од 50 или 75 евра (3.100 или 4.650 ден.). Пакeт влезниците, пак, за петте меча што ќе ги одиграат црвено-жолтите се по цена од 30 или 50 евра (1.850 или 3.100 ден.), или една влезница за меч на Македонија чини околу 370 денари, а може да се купи онлaјн на линкот CEV EuroVolley 2023 – Men | Packages.