Македонските шахисти импресионирани од историските знаменитости на Ченаи и неговата околина

За слободниот ден беше организирана посета на т.н. Храм на брегот, кој се наоѓа на брегот на Бенгалскиот Залив, во гратчето Махабалипурам, на 60 км од градот Ченаи. Во неговата околина има и неколку други знаменитости што ги посетивме, како што се на пример пештерскиот храм Вараха и други, вели директорот на македонската репрезентација Ѓорѓи Миновски

Шаховска олимпијада во Ченаи

Македонската машка и женска репрезентација, по единствениот слободен ден во четвртокот, вчера со партиите од седмото коло од предвидените 11, продолжија со своите настапи на 44. Шаховска олимпијада (ШО), која се одржува во индискиот град Ченаи. Шахистите (рангирани 61. пред почетокот) за ривал ја имаа силната селекција на Норвешка (рангирана трета), предводена од актуелниот светки првак Магнус Карлсен, додека шахистите (рангирани 71.) играа со солидната репрезентација на Словенија (рангирана 26.). Пред овие дуели, слободниот ден беше искористен за разгледување на историските знаменитости на Ченаи и неговата околина.
– За слободниот ден беше организирана посета на т.н. Храм на брегот. Како што кажува и името, овој храм се наоѓа на брегот на Бенгалскиот Залив, во гратчето Махабалипурам, на 60 км од градот Ченаи, каде што се одржува ШО. Во неговата околина има и неколку други знаменитости што ги посетивме, како што се на пример пештерскиот храм Вараха и други. За некои од локациите имавме и водич, така што имавме убава можност да слушнеме и дополнителни информации за историјата на овие мошне занимливи места, од кои сме воодушевени сите – ни изјави спортскиот директор на македонската репрезентација Ѓорѓи Миновски.
Според Миновски, атмосферата и во двете репрезентации е добра, што е мошне значајно за вториот дел од ШО.
– Особено ме радува што расположението и во машката и женската македонска репрезентација е на многу високо ниво, што конечно се аклиматизиравме и ги надминавме сите здравствени проблеми. Овде сите репрезентативци се чувствуваат одлично, се дружат, соработуваат, а и нашите шахисти и шахистки се задоволни од атмосферата и дружењето. Се надевам дека така ќе продолжиме и во вториот дел од ШО, дека ќе постигнеме солиден резултат, за на крајот да ни остане ШО во позитивно сеќавање на сите и по постигнатиот резултат, но и по дружењето – вели Миновски.
Миноски потенцира дека засега на ШО, која е организирана на високо ниво, сѐ функционира како што треба.
– Околу протоколот за влез има две контроли, едната за влез во салата, а другата за во салата за играње. Пред влезот во салата, секоја земја има обележена кутија каде што ги остава сите свои работи, оти строго е забрането внесување предмети во салата за играње. Се игра во добри услови, сѐ е климатизирано, има одреден простор за пушење цигари, простор за освежување, каде што можеш во неограничен број да консумираш кафе, сокови, чаеви, вода, колачи и слично и сегде има луѓе што те насочуваат каде да одиш. На трети август имаше организирано и забава за сите учесниците на Олимпијадата – појаснува Миновски.
Шахистите на Македонија по шестото коло, односно пред вчерашниот дуел со Норвешка, беа на 72-то место, со седум екипни бода (12,5 поени по табли), додека македонските шахистки на 47-то место, со осум екипни бода (13,5 поени по табли). Кај мажите, во водство беше Ерменија, со максимални 12 бода (17,5 по табли), пред САД со 11 бода (16) и втората селекција на Индија со 10 бода (19), додека кај жените на врвот со 12 бода беше Индија (18,5 по табли), пред Грузија со 11 бода (18,5) и Романија со 11 бода (16,5). На ШО во Ченаи учествуваат 187 машки и 161 женска селекција, што е и најголем број досега. Г.И.


Велјаноски: Тимскиот дух е на високо ниво

Во Ченаи организацијата е на високо ниво, има голем број волонтери и полицајци што учествуваат во реализација на овој голем спортски настан. Тимскиот дух во нашата репрезентација е на високо ниво и сите се сложуваме еден со друг. Мојата игра не е на лошо ниво, но на моменти, дали поради пад на концентрацијата или, пак, непотребно комплицирање во играта, си ја влошувам позицијата на таблата. Така, на пример, во партијата против интернационалниот мајстор (ИМ) од Чешка, Војтех Звардо, без потреба жртвував квалитет и на крајот ја загубив, додека, пак, против репрезентативецот на Велс, Алекс Булен, имав добиена позиција, ама не успеав да победам, туку ремизирав. Се надевам дека ќе успеам да си ја подобрам играта и дека со неколку екипни победи до крајот, ќе се избориме за што е можно подобар пласман во Ченаи – вели дебитантот на шаховските олимпијади, младиот 18-годишен репрезентативец Андреј Велјаноски.