Бројките од апликацијата „Глобал солар атлас“ наменети за Светската банка, кои „Статиста“ ги анализираше, го откриваат просечниот потенцијал на сончевата енергија низ светот. Според овој инфографик, Африка го држи приматот. Кога ќе се комбинира просечниот долгорочен практичен принос од инсталацијата за соларна енергија на полезно ниво во секоја земја, африканските 4,51 киловат-час/киловат-енергија/на ден се пред второпласираните Централна и Јужна Америка со 4,48, додека Северна Америка е на трето место со 4,37.
Процените „исклучуваат области поради физички/технички ограничувања, како што се нерамниот терен, присуство на урбанизирани/индустриски области, шуми и области кои се премногу оддалечени од центрите на човековата активност“, но не ги земаат предвид „областите кои би можеле да бидат несоодветни поради прописите наметнати од националните или регионалните власти (како што е зачувување на обработливо земјиште или зачувување на природата)“.
Ако се стават бројките во контекст, приближно 20 отсто од светската популација живее во 70 земји кои поседуваат „одлични услови“ за соларна енергија, што значи долгорочно производство кое надминува 4,5 киловат-часа/киловат-енергија дневно. Врз основа на светските региони, само земјите во Африка се во просек над овој праг. Голем дел од овој потенцијал во помалку развиените земји во Африка е сè уште неискористен, но како што наведува изворот, претставува „посебна можност да се обезбедат достапни, сигурни и одржливи услуги за електрична енергија на голем дел од човештвото каде што се најпотребни подобрените економски можности и квалитетот на животот“.