Да не заборавиме дека квалитет на турнирот е признаен и од ФИДЕ, оти го стави на листата на 50-те опен-турнири низ светот, на кои им дава поддршка, додека признанието од Балканската шаховска федерација овој турнир да го прогласи и за прво Балканско првенство придонесе да се пријават толку многу шахисти од Балканот, вели Миновски
ЃОРЃИ МИНОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ШАХОВСКИОТ СОЈУЗ НА ГРАД СКОПЈЕ
На годинашниов традиционален меѓународен шаховски турнир „Опен Скопје“, кој во девет кола ќе се игра во хотелот „Континентал“ (6-12 декември), за првпат ќе се состои од А и Б-формат, а ќе се смета и за прво официјално Балканско поединечно првенство во машка и во женска конкуренција и ќе настапат рекорден број учесници. На пет дена до почетокот на првото коло (в среда), на А-турнирот (за шахисти/ки од најмалку 2.000 рејтинг-поени), се пријавени 122 учесници од 20 држави (15 ВМ, еден ЖВМ, 17 ИМ, 4 ЖИМ, девет ФМ, три ЖФМ). Освен од Балканот, има претставници и од Индија, Туркменистан, Азербејџан, Ирска, Шведска, Норвешка, Холандија и други. Засега прворангиран е ВМ од Азербејџан, Елтај Сафарли (2.610 рејтинг-поени), Македонец е ИМ Никола Николовски (2.405, рангиран 18-ти).
– Кога почнавме да го планираме турнирот за 2023-та, ги анализиравме резултатите од претходните години, бројот на пријавените учесници, нивниот рејтинг, а ги погледнавме и турнирите во околните земји и дојдовме до заклучок дека најдобро ќе биде да го организираме во две категории, каде што играчите ќе бидат поделени според нивниот рејтинг – вели претседателот на Шаховскиот сојуз на градот Скопје (ШСГС) и директор на турнирот, Ѓорѓи Миновски.
На Б-турнирот пак (до 2.000 рејтинг-поени) моментално има 120 имиња (еден ЖИМ) од 11 земји, меѓу кои и од Шпанија, Германија, Франција…, а прворангиран е Турчинот Онур Тасџи (1.987), додека Македонец Жарко Селковски (1.908, рангиран 4-ти). Или вкупно на двата турнира засега има 242 учесници, што е рекорд за овој турнир. Но до почетокот вкупниот број може да биде и поголем. Лани на него играле 138 шахисти (11 ВМ) од 15 држави.
– По првичните анализи, очекувавме поголем број на пријавени шахисти во однос на минатите години, но оваа бројка малку нѐ изненади и нас. Секако, тоа не значи дека не сме подготвени. Напротив, сметам дека имаме искуство и сѐ што е потребно турнирот да го организираме на највисоко ниво, па очекувам дека ова ќе биде вистински шаховски фестивал. Имаме најави уште од неколку велемајстори што покажаа интерес за турнирот, но засега не би откривал имиња додека конечно не ни потврдат – појаснува Миновски.
Според Миновски, ова е уште едно признание за македонскиот шах и неговата успешно докажана организација на многу значајни турнири во минатото.
– Ова е секако голем настан за македонскиот шах и уште една потврда дека можеме да организираме квалитетни шаховски натпревари на високо ниво. Да не заборавиме дека квалитет на турнирот е признаен и од Светската шаховска федерација (ФИДЕ), бидејќи го стави на листата на 50-те опен-турнири во светот, на кои ФИДЕ им дава поддршка. А честа и признанието од Балканската шаховска федерација овој турнир да го прогласи и за прво Балканско првенство придонесоа да се пријават толку многу шахисти од Балканот. Ова признание е заслужено со макотрпната работа на целата организаторска екипа во изминативе години. Токму и затоа особено задоволство ми претставува што ја имаме честа во Скопје да се организира првото Балканско првенство – констатира Миновски.
Вкупниот награден фонд на А-турнирот е 8.000 евра (за победникот 2.000), на Б-турнирот 3.500 евра (за првиот 600), а за Балканското првенство 4.000 евра (за најдобриот кај шахистите 1.000, а кај шахистките 650). На двата турнира се предвидени неколку специјални парични награди, покрај најдобрите осум според пласманот, како и почесна награда (750 евра) насловена постхумно според македонскиот шаховски доајен и вреден шаховски работник Круме Митковски, поделена на најдобрите тројца ненаградени слепи или слабовидни шахисти или шахисти со телесен инвалидитет. Г.И.