Сезонава првите трки во Формула 1 ќе ги имаат Оскар Пијастри, Ник де Ври и Логан Сарџент. Во минатото со своите настапи во дебитантска сезона импресионираа Луис Хамилтон, Жак Вилнев, Клеј Регацони, Михаел Шумахер, Жан Алези, Џеки Стјуарт, Аиртон Сена, Џенсон Батон, Кими Раиконен…

Ќе има тројца дебитанти во Формула 1 сезонава што ќе бидат на патеката за првата трка, за големата награда на Бахреин в недела, и тоа Оскар Пијастри, Ник де Ври и Логан Сарџент. Дали некој од нив ќе може да го повтори подвигот на некои возачи што дебитираа во Формула 1? Во продолжение, Формула 1 ги претставува најдобрите дебитанти.

  • Луис Хамилтон (2007 година): По освојувањето на титулата во ГП2, Луис Хамилтон беше промовиран во Формула 1 за сезоната 2007 во Мекларен, како партнер на светскиот шампион Фернандо Алонсо, кој потпиша од Рено. Британецот имаше непосредно влијание во спортот завршувајќи на подиумот на својата прва трка и осумте трки што следуваа, рекорд за најмногу последователни завршници на првите три места во една дебитантска сезона. Тој беше на подиумот 12 пати таа година, од кои четири беа победи, заеднички рекорд за најмногу победи во дебитантската сезона. Тоа беше речиси целосна бајковита приказна за Хамилтон, кој дојде на само еден поен од освојувањето на шампионската титула во својата прва година, завршувајќи веднаш зад Кими Раиконен од Ферари, откако проблемот со менувачот во одлучувачката трка за титулата ги попречи напорите на Хамилтон. Сепак, тој не мораше да чека премногу за својата прва титула, која дојде една година подоцна.
    Жак Вилнев (1996 г.): Хамилтон го дели рекордот за најмногу победи во првата сезона со Жак Вилнев, кој го постави тој рекорд 11 години порано, во својата дебитантска сезона со Вилијамс. Канаѓанецот ја постигна својата прва победа малку порано од Хамилтон, во својата четврта трка. Вилнев ја заврши годината со 11 подиуми во 16 трки, а првата дојде на неговата дебитантска трка во Австралија, каде што беше втор. Канадскиот возач ја заврши годината втор во поредокот, со 78 поени, 19 поени зад тимскиот колега Дејмон Хил, кој ја освои шампионската титула. Сепак, како и Хамилтон, и Вилнев се врати за да ја освои својата прва титула во втората сезона.
  •  Клеј Регацони (1970 г.): Откако ја освои европската титула во Формула 2, Клеј Регацони влезе во Формула 1 со Ферари во 1970 година. Скудерија влезе само со еден болид, со Џеки Икс, на првите три трки таа година, но одлучи да влезе со втор болид во Белгија за да ги испроба помладите возачи, а Регацони ја доби својата можност на следната трка во Холандија, кога беше четврти, а подоцна се врати на трката во Силверстоун, одново за четврто место. Тој беше втор во Австрија на својата четврта трка, еден од четирите подиуми таа година, пред да ја оствари првата победа за Ферари на нивната домашна трка во Монца. И покрај тоа што пропушти пет од првите шест трки и се повлече поради проблеми со моторот во Германија, швајцарскиот тркач, сепак, беше трет во шампионатот, зад шампионот Јохен Риндт и тимскиот колега Икс. Тоа беше финиш што го подобри еднаш во својата Ф1-кариера.
  • Михаел Шумахер (1991 г.): Михаел Шумахер влезе во последните шест трки во 1991 година со Џордан и Бенетон, го имаше своето деби за Џордан на трката во Спа, заменувајќи го Бетранд Гашо. Германецот изненади со квалификациите како седми, но проблемот со спојката го принуди да се повлече од трката во воведниот круг. По силниот настап, Џордан сакаше да го задржи, но Шумахер, наместо тоа, потпиша за Бенетон. Додека беше импресивен во 1991-та, во неговата прва целосна сезона во 1992 година тој навистина го најави своето доаѓање. Возејќи за Бенетон уште еднаш, тој заврши трет во шампионатот зад доминантната двојка на Вилијамс, Најџел Менсел и Рикардо Патрезе, и пред Аиртон Сена. Таа година беше на подиумот осум пати, а неговиот прв беше на неговата втора трка во сезоната, во Мексико. Својата прва победа ја постигна во Белгија, каде што дебитира една година претходно.
  • Жан Алези (1989 г.): Алези влезе во Ф1 во средината на сезоната во 1989 година, со неверојатно деби-возење на трката во Франција, за Тајрел. Францускиот возач беше втор, но ја освои импресивна четврта позиција. Таа година Алези беше петти во Италија, пред да биде четврти и во Шпанија. Неговата прва целосна сезона почна со уште поимпресивен почеток, кога водеше 25 круга од првата трка во САД, пред Аиртон Сена да најде начин да помине, а Алези ја искористи својата шанса и веднаш се врати пред Бразилецот. Тој беше втор, како и подоцна во Монако. Иако не заврши повисоко од седмото место во остатокот од сезоната, неговите перформанси го привлекоа вниманието на Ферари, за кој потпиша за сезоната во 1991 година.
  • Џеки Стјуарт (1965 г.): Тркајќи се за БРМ, Џеки Стјуарт имаше огромна дебитантска сезона во Ф1, бидејќи беше трет во шампионатот, зад Џим Кларк и зад својот тимски колега Греам Хил, победник на светскиот шампионат. Шкотланѓанецот ја забележа својата прва победа на осмата трка во сезоната, во Италија, а имаше уште пет пласмани на подиумот, ветувачки почеток на она што се покажа како трикратна шампионска кариера.
  • Аиртон Сена (1984 г.): Деветтото место на Аиртон Сена во шампионатот во неговата прва сезона можеби не звучи толку импресивно на прв поглед, но неговите настапи возејќи за Толеман му донесоа место на оваа листа. Бразилецот беше израмнет со Најџел Менсел од Лотус. Тој резултат е уште поимпресивен ако се земе предвид дека од 14-те трки таа година, Сена не заврши на осум од нив, шест поради механички проблеми. Тој имаше три пласмани на подиумот таа година, најимпресивното на влажното време во Монако, каде што стартуваше од 13-то место пред да направи постојан напредок до второто место. Тој го стигнуваше лидерот Ален Прост, во Рено, за четири секунди по круг, пред трката да биде прекината од безбедносни причини. Сето тоа беше знак за нештата што доаѓаат…
  • Џенсон Батон (2000 г.): Џенсон Батон беше во Вилијамс во Формула 3 во 2000 година, знаејќи дека неговиот договор со легендарната британска екипа ќе биде само за една сезона, со колегата Ралф Шумахер на долгорочен договор, а Хуан Пабло Монтоја потпиша во 2001-та. Но Британецот се погрижи да остави траен впечаток во таа една година. Тој имаше неколку сензационални трки, како што е шестото место на неговата втора трка во Бразил, и во Хокенхајм, каде што беше четврти, неговиот најдобар резултат во сезоната. Таа сезона беше осми во шампионатот, со 12 поени од Шумахер на петтото место, и иако импресионира, беше принуден да се пресели во Бенетон за следната сезона.
  • Кими Раиконен (2001 г.): Кими Раиконен влезе во Формула 1 со Заубер откако имаше само 23 трки во целата своја кариера. Многумина сметаа дека тој е премногу неискусен за највисокото ниво на мотоспортот, но Финецот покажа знаци на својата прва трка дека е на висина на задачата, со шестото место во Австралија, во 2001 година. Раиконен таа сезона додаде уште три трки со поени, вклучувајќи ги и четвртите места во Австрија и во Канада. До крајот на сезоната Раиконен не само што заврши на 10-то место во светскиот шампионат со девет поени, три поени зад неговиот поискусен тимски колега Ник Хајдфелд, на осмото место, туку направи доволно за да добие место во Мекларен за 2002 година. Тој ја освои титулата во 2007 година со Ферари. Н.М.

Измени на патеките

Различни патеки ќе претрпат промени за сезоната 2023. Во Саудиска Арабија ќе има промени за да се подобри видливоста при влез во свиок, Баку и Мајами ќе бидат целосно обновени, во Зандворт просторот помеѓу питстоп-деловите ќе се зголеми за 1,5 метар, во Катар ќе има нова питстоп-зграда и инфраструктура за работниот простор на тимовите, промени во зоната на ДРС ќе бидат направени во Бахреин, Џеда, Мелбурн, Баку и во Мајами, а во Мелбурн ќе има четврта ДРС-зона, пишува Ф1.


ТЕСТИРАЊА ВО БАХРЕИН
Перез извози најбрз круг, побрзо од ланското време за пол-позиција

Возачот на Ред Бул, Серхио Перез, го постави најбрзото време на претсезонските тестирања за годинава, под рефлектори на меѓународната патека во Бахреин, откако Чарлс Леклер беше на врвот на утринската сесија, пишува Формула 1 (Ф1) на својата официјална интернет-страница. Сезоната број 74 во Формула 1 почнува в недела, на Меѓународната патека во Бахреин.
Утринското време на Леклер од една минута 31 секунда и 24 илјадити делови од секундата беше поставено на гумите Ц4 и стоеше додека рефлекторите не светна над патеката, кога температурите се намалија и возачите ги поставија гумите Ц4 и Ц5 за кратки патеки, по што Перез стигна до врвот со круг од 1:30,305 минута на Ц4, време што беше побрзо од минатогодишното време за пол-позиција за трката за големата награда на Бахреин, пишува Ф1. Луис Хамилтон од Мерцедес го оствари второто време, побавно за 359 илјадинки, Валтери Ботас од Алфа Ромео задоцни за 522 дела од секундата итн.
Алфа Таури извозе најмногу кругови, 456, а потоа следуваа Вилијамс со 439, Ферари со 416, Хас со 414, Ред Бул со 413, Алфа Ромео со 402, Мерцедес со 398, Астон Мартин со 387, Алпин со 353, Мекларен со 312 круга.