Со новиот трофеј на шампионатот во Романија, македонската репрезентација
ги обедини титулите, откако во ноември минатата година победи на Светското
првенство во Израел. Годинава следува нов настап на мундијалот

Е-СПОРТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Нова голема титула за македонската репрезентација во е-спорт, откако селекцијата во „Кантер страјк: глобал офенсив“ (ЦС:ГО), во состав Павле Стојановски, Даниел Глигоров, Александар Ќулукоски, Дамјан Стоилковски, Јане Апостолоски, стана европски првак со победата со 2-1 во финалето против селекцијата на Украина, на континенталното првенство што се одржа во Орадеа (Романија).
Македонија стигна до европската титула со победа со пресврт. Украина победи на мапата „Даст 2“ со 16-5, но потоа македонската репрезентација беше подобра на мапата „Мираж“ со 16-5 и на мапата „Вертиго“ со 16-13, за вкупна победа со 2-1.
Со новиот трофеј, македонската репрезентација ги обедини титулите, откако во ноември минатата година на Светското првенство во Израел, во ист состав како и на Европското првенство годинава, ја освои светската круна, со победата во финалето на дуелот со репрезентацијата на Романија со 2-0 (со 16-10 на мапата „Инферно“ и со 16-11 на мапата „Мираж“). Македонската репрезентација во е-спорт, во 2021 година триумфира и на турнирот во „Кантер страјк: глобал офенсив“, во Европскиот куп на нациите (победа со 2-0 во финалето со Романија) итн.
На Европското првенство годинава настапија вкупно 16 репрезентации, прво поделени во четири групи, а потоа следуваа мечевите од нокаут-рундата, во четврт-финалето, полуфиналето и во финалето. Наградниот фонд на годинашното Европско првенство во „Кантер страјк: глобал офенсив“ беше 25.000 долари, а Македонија за титулата доби 10.000 долари.
Следен предизвик за македонската репрезентација е настапот од 30 ноември на 14-то Светско првенство.