Мастерс-турнирите од серијата 1.000 ќе ја делат добивката со играчите според формулата 50-50 отсто, а зголемувањето на бонусот поврзан со учество на тие турнири не е поврзано со наградните фондови. За 2022 година формулата за споделување профит ќе опфати 150 тенисери. АТП планира да воведе слична формула и на турнирите од сериите 500 и 250

АТП

Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) донесе две одлуки на крајот од сезоната, првата е дека годишниот бонус на играчите за 2023 година е зголемен на 33,5 милиони долари (12,2 милиони долари повеќе од порано), а втората е дека првпат во историјата мастерс-турнирите ќе го делат профитот со тенисерите. Според АТП, мастерс-турнирите ќе ја делат добивката со играчите според формулата 50-50 отсто. Зголемувањето на бонусот поврзан со учество на мастерс-турнирите од серијата 1.000 не е поврзано со наградните фондови на тие турнири.
– Вкупниот профит од 12,2 милиони долари за 2022 година е поделен со бројот на ранкинг-поени достапни на мастерс-турнирите за да се одреди вредноста на секој поен, кој во овој случај е 300 долари, па, на пример, кој ќе освои десет поени ќе добие 3.000 долари. За 2022 година формулата за споделување профит ќе опфати 150 тенисери – појаснуваат од АТП.
По рекордното зголемување од 37,5 милиони долари за компензацијата на играчите од 2022 до 2023 година, дополнителните 12,2 милиони долари значат дека има зголемување од приближно 50 милиони долари за компензацијата на играчите за годинава, пишува АТП. Понатаму се нагласува дека ова е резултат на промената на форматот на некои од мастерс-турнирите, со времетраење зголемено на 12 дена, како и бројот на учесниците од 56 на 96.
АТП планира да воведе слична формула и на турнирите од сериите 500 и 250, а на гранслем-турнирите нема да се случи тоа оти тие четири натпреварувања се независни и имаат сопствени наградни фондови. Г.И.