Андоновски (прв од десно)

Легендарниот Ристо Ничевски самиот го избра Андоновски за негов наследник во шаховското коментаторство. Тоа што се јавуваше пред камерите уште повеќе ја зацврсти неговата позиција во шаховскиот свет. Тој беше тренер и селектор на младите шампиони и на женската сениорска репрезентација на Македонија

Љубиша Андоновски (2)

Вториот дел од кариерата на познатиот шаховски мајстор Љубиша Андоновски, а тоа беше периодот од средината на последната декада на минатиот век, се одвиваше во три насоки. Некој ќе се изненади кога ќе го прочита ова, но навистина беше така. Тој по препорака и инсистирање на дотогаш ненадминатиот и популарен шаховски коментатор, интернационалниот мајстор Ристо Ничевски, застана и пред камерите и практично стана негов наследник. Но новиот „товар“ што го зеде врз себе не беше причина тој да се откаже од активното играње. Напротив и понатаму се појавуваше на сцената, а сакајќи неговото искуство и знаење да им го пренесе на младите почна да се занимава и со тренерската работа, па така, тој им беше ментор на повеќе талентирани момчиња и девојки, кои веќе успешно чекорат по шаховскиот пат.
– Од тие млади таленти некои стигнаа и до интернационална шаховска титула, каков што е примерот со Никола Петровски. Тој на неодамнешното Светско првенство за млади категории во Египет беше рангиран на 69. место, а турнирот го заврши на 59. позиција. За овој настап доби нови 40 рејтинг-поени. Потоа Леонид Петрески, кој е актуелен македонски првак до 18-годишна возраст, а како помлад беше шампион и во конкуренција на шахисти до 14 години. Работам и им помагам и на Антон Златков, шампион до 16 години, и на Моника Жежовска, шампионка до 16 и репрезентативка на Македонија. Да ги споменам и Инџи Ајрадиноска прва до 18 и Елисавета Брнс најдобра во категорија до 12 години – вели Андоновски.
Сите овие резултати говорат оти Андоновски е на вистинскиот пат како тренер и педагог. Тој на нему својствен начин успева да ги анимира младите шахисти, а како тие ќе се развиваат понатаму зависи од нив самите и од нивната желба и настојчивост.
– Трите работи, активното играње, тренерскиот позив и коментирањето воопшто за мене не претставуваа некој особен напор. Толку сум вљубен во шаховската игра, така што сето тоа го правев и уште го правам со големо задоволство – рече Андоновски.

ЕВЕ ГО ВИСТИНСКИОТ ЧОВЕК

Пред да продолжам со стории од неговата кариера како активен играч, мислам дека е интересно да се каже како Љубиша дојде пред камерите.
– По осамостојувањето на нашата држава, македонската репрезентација требаше да го има својот прв настап на меѓународната сцена на Олимпијадата во Москва, во 1992 година. Нормално, како еден од најискусните, иако во меѓувреме со појавија многу млади и талентирани шахисти, Ристо Ничевски очекуваше да се најде на списокот на патниците за Москва. Затоа, тој навреме сакаше да пронајде некој што би можел да го замени пред камерите на МТВ, за да ги коментира партиите од Олимпијадата. Изборот на Ниче падна на мене. И јас самиот бев изненаден кога ми го кажа ова. Не можев да поверувам оти Ниче видел нешто во мене, зашто тој беше „затворен“ и никогаш пред да биде уверен во нешто, напразно не се истрчуваше. Токму затоа помислив дека предлогот на Ниче не е шега, туку тој навистина мисли дека јас ќе можам успешно да го заменам. Потоа направивме неколку проби во студиото. Тој беше презадоволен и рече, еве го вистинскиот човек. Така, иако со извесна трема, но со голема самодоверба го прифатив предизвикот и зачекорив во шаховското коментаторство. Меѓутоа, не знам од кои причини Ничевски тогаш не се најде на селекторскиот список и не беше во составот на нашиот национален тим за настап на Олимпијадата. Сепак, иако не со репрезентацијата, тој отпатува во Москва како специјален известувач на Македонската телевизија, а јас бев тој што од студиото ги коментираше најинтересните партии. Со Ниче нашата соработка продолжи и по Олимпијадата, но судбината сакаше по четири години, на следната Олимпијада во Ереван, еден од најдобрите македонски шахисти и коментатор со специфичен стил, ненадејно да ја напушти животната сцена. Но тој за мене засекогаш остана голем човек, кој ми отвори еден нов хоризонт во сферата на шахот, а тоа беше шаховското коментирање – вели тој.
Покрај коментирањето на МТВ, Андоновски подоцна се појавуваше како шаховски коментатор и на ТВ Телма (2006-2007), а во еден период и на АБ телевизија. Тој има коментирано многу партии од турнири и врвни настани, а меѓу другото го коментираше и мечот за светски првак помеѓу Крамник и Топалов. Интересно е дека тој успеа да го пробие мразот и на радиопрограмите, каде што, исто така, низ приказ на интересни случувања и презентација на шаховски партии го доближуваше шахот до слушателите.

ТРЕНЕР СО ФИДЕ-ЛИЦЕНЦА

Сега, се враќам на она што, сепак, беше основно во шаховскиот живот на Андоновски. Ако коментирањето на партиите му причинуваше задоволство, тој со уште поголем елан ги водеше нашите шахисти на големите приредби. Паралелно со играњето, тој во 90-тите години на минатиот век постојано работеше како тренер и селектор, а од 2018 година ја доби и лиценцата за ФИДЕ-тренер. Во кариерата претходниве години, покрај работата со талентите, ја извршува и функцијата селектор на македонската женска сениорска репрезентација. Со неа тој настапуваше на сите европски и светски натпревари, а во сеќавање посебно му остана олимпискиот настап во Индија.
– Оваа Олимпијада се одржуваше 40 години по скопската. Меѓу учесниците имаше повозрасни шахисти што настапија и во Скопје, па се сеќаваа на таа Олимпијада за која имаа само убави зборови. Дури одеа дотаму што велеа оти во Скопје, од секаде каде што настапувале, се чувствувале најпријатно. Според нив, таа била најдобро организираната Олимпијада – се сеќава на тие средби во Индија, Андоновски.

ШАРЕНИЛО ОД РЕЗУЛТАТИ СО МАКЕДОНСКИТЕ ШАХИСТИ

Трагајќи по биографијата на Љубиша ќе видиме оти тој во 2010 година беше сениорски првак на Скопје, што беше голем резултат со оглед на фактот што на градското првенство учествуваа сите наши елитни шахисти. Интересен е и податокот што говори оти Андоновски во текот на кариерата има играно буквално со сите оние што значат нешто во македонскиот шах.
– Речиси со секој од нив, без оглед дали се работеше за некој ас од калибарот на Софревски или, пак, другите, исто така, квалитетни и искусни како Данов, Кизов, Богдановски, Недев, Кутиров, Јачимовиќ, Васовски, Н. Митков имав едно шаренило од резултати, победи, порази и реми-партии. Единствено со Ничевски не можев да извлечам поволен резултат – вели Андоновски.
Тој убаво се сеќава и на тоа време, кога постоел еден голем ривалитет, но и другарство меѓу шахистите. Без оглед на тоа кој од кој клуб доаѓа сите биле како едно семејство. Особено ваквото чувство го имале на републичките првенства, кои најчесто беа организирани во Отешево и во Струга.
– Се дружевме, заедно ги коментиравме до доцна во ноќта партиите, ги баравме грешките, но и добрите потези. Сето тоа се одвиваше некако спонтано, во една пријатна атмосфера. Навистина тоа беа убави и незаборавни мигови – раскажува Андоновски.

СЀ УШТЕ КОНКУРЕНТЕН ВО МАКЕДОНИЈА

Шаховскиот живот на Андоновски тече понатаму. Тој не се предава и настојува да го исполни она што го има поставено како цел пред себе. Постојано е покрај шаховската табла, некогаш како ментор на младите, другпат како играч, третпат како селектор. Широк е спектарот на активностите на Љубиша во шахот.
– Чувствувам дека сѐ уште сум конкурентен во Македонија, особено во брзопотезните партии. Мене ми е многу пријатно кога играм и секогаш настојувам да го дадам својот максимум. Така, на пример, во годинашниов Европски куп, бранејќи ги боите на Гамбит Асеко СЕЕ, имав навистина извонреден резултат. На шестата табла во седум партии ѝ донесов на екипата 3,5 поени. Затоа и понатаму, не само што играм туку сум и капитен на екипата, која беше двократен екипен првак на Македонија, а во 2018 година се пласира на осмото место во Купот на Европа – вели Андоновски.
Нема сомнение дека Љубиша Андоновски, дипломиран економист, се наоѓа насекаде кога е во прашање шахот. Тој со своите ангажмани како активен шахист, тренер, селектор и шаховски ТВ-коментатор, даде и уште дава голем придонес во афирмацијата и кревањето на квалитетот на шахот во нашата држава. Од сето ова може да се заклучи дека се работи за една легендарна личност, која е многу години со душа и со срце поддржувач на „древната игра“.