Кипроски е новинар што постојано тежнее кон нови предизвици, па така, го почувствува и олимпискиот амбиент на ЗОИ 1984 во Сараево. Во Маврово ништо не можеше да помине без негово присуство. Сите настани врзани со развојот на овој центар се сместени во неговата архива
Киро Кипроски (2)
Новинарскиот живот на Киро Кипроски е исполнет со многу возбудливи моменти, но како нешто многу вредно останува фактот што, благодарејќи на неговото перо и фотографии, е овековечен мавровскиот крај. Неговиот придонес за афирмацијата на овој наш зимски спортски центар е огромен. Тој е човекот што не испушташе ниту еден настан што се случуваше во пазувите на Бистра или околу езерото. Едноставно без Киро ништо не можеше да помине.
Ако не беше присутен на некој настан, кој се одржуваше таму горе во планинските предели, тој настан како да не се случил. Ретки се таквите новинари, кои со сиот свој ентузијазам, дури и кога искрснуваат најразлични проблеми, а во планинските предели најчесто како пречка се јавува лошото време, сепак, стигнуваат до местото на настанот. Токму таков е Киро Кипроски. Тој и денес не мирува и по повеќето од 55 години поминати во новинарството не чувствува замор, туку, напротив, секогаш бара нешто ново. За него не постои ништо што би можело да го спречи на патот кон исполнувањето на новинарската обврска.
– Известував од поставувањето камен-темелници и сечењето ленти со што беа означувани почетокот и крајот на ставањето во употреба на речиси сите спортски, угостителски и инфраструктурни објекти во Маврово. Пишував репортажи за посетеноста и за уживањето на гостите на прекрасните мавровски белини. Бев присутен и ја информирав јавноста за резултатите од речиси сите скијачки натпревари во алпски и во нордиски дисциплини. Со особено задоволство, пак, пишував за традиционалниот Мавровски меморијал во скијачко трчање, кој се одржува од 1958 година во знак на сеќавање на 52-та градители на мавровскиот хидроенергетски систем и граничари, чии животи згаснаа под лавините во страшната природна катастрофа во 1956 година. Во минатото, кога зимите беа постудени, а снегот го имаше во изобилство, трката се одржуваше околу Мавровско Езеро. Тоа ѝ даваше некако посебен белег. Натпреварувачите поминуваа низ селата Никифорово, Леуново, доаѓаа до Бунец, а оттаму се упатуваа кон Маврови Анови, за целта да биде во селото Маврово, каде што жените облечени во традиционалните носии од овој крај веќе го имаа сварено чајот, кој веднаш по минувањето низ целта им се даваше на скијачите, малку да се загреат од студот по напорната трка. Тоа беше едно убаво време, време за незаборав. Подоцна, па и денес, трките се одржуваат во месноста Мирна Долина на Бистра, зашто таму снежните услови се извонредни. Мавровскиот меморијал е традиционален и без него не може да се замисли скијачкиот календар. Но мора да кажам дека во Маврово се одржаа и уште се одржуваат и многу други натпревари. Тука, во 70-тите години од минатиот век, беа организирани и две Балканијади, потоа Европски куп за жени, како и едно сениорско првенство на поранешна Југославија во алпски дисциплини. Маврово беше домаќин и на многу првенства на Македонија во алпско и во нордиско скијање во сите категории, од пионери до сениори, во машка и во женска конкуренција – вели Кипроски.
СЕЌАВАЊЕ НА МИНАТОТО И – МЕТАЛНИТЕ СТОЛБОВИ
За човек како Киро Кипроски, кој растеше заедно со развојот на зимскиот центар, нема непознати работи. Кај него се нотирани датумите и годините, не само на натпреварите што се одржаа во Маврово туку и кој објект кога е изграден. Така, има едно навистина интересно сеќавање врежано во неговата меморија, поврзано со поставувањето на двоседешницата од селото Маврово, кон терените на Бистра, кај Мирна Долина.
– Откако беше направена едноседешницата, под која се протегаше патеката за алпските дисциплини кон средината на 1960-тите години, мавровчани не се задоволуваа само со неа. Неуморниот Заре Лазаревски, човекот што има најголеми заслуги за развојот на Маврово, знаеше оти за да добие вистински лик на современ зимски спортски центар, како што се впрочем другите центри, особено во алпските земји, мора да има побрз трансфер на скијачите до терените. Затоа, со поддршка на државата беше донесена одлука да се изгради двоседешница од Маврово до терените, горе на Бистра. Тоа беше навистина еден „лавовски“ потфат, зашто на непристапниот терен требаше да се постават и 23 метални столба. Ова беше навистина тешка работа, но тука беше тогашната ЈНА, која на располагање ги даде сите свои ресурси меѓу кои и хеликоптерот транспортер, со кој металните столбови беа префрлани до однапред изградените бетонски фундаменти. Тоа беше ризичен потфат, но на крајот сѐ излезе како што треба, па и покрај маките поради лошото време и маглата, столбовите беа поставени и можеа да продолжат другите активности околу докомплетирањето на двоседешницата. Инаку, заедно со авторот на овој текст имав можност да го следам поставувањето на металните столбови. Тоа беше навистина возбудливо, а кога требаше да се транспортира првиот столб, бевме на дваесетина метри од хеликоптерот. Кога пилотот го вклучи моторот, елисата крена огромен снежен прав, па иако бевме еден до друг не можевме да се видиме. Двајцата бевме побелени како „снешко“, а снимателот што беше најблиску до хеликоптерот, од силниот притисок на воздухот од вртењето на елисата одвај остана на нозе – рече тој.
ГОЛЕМ КОРАБ ГИ РАЗЛУТИ СЛОВЕНЦИТЕ
Неколку дена во август 1973 година, заедно со експедицијата на гостиварските планинари Кипроски учествуваше на искачувањето на врвот Голем Кораб, на планинскиот масив Кораб. Тогаш тие утврдија дека највисокиот врв во Македонија е висок 2.872 метри, што беше за 108 метри повеќе од официјално запишаната височина во географските карти.
– Со оваа вредност, додека таа не се официјализира, Голем Кораб е повисок од Триглав, Словенија, кој се водеше како највисок врв во Југославија. Во тоа време овој податок беше причина за една невидена медиумска кампања. Тоа беше бомба што предизвика вистинска медиумска војна во цела Југославија, Словенците беа многу лути и вознемирени, едноставно не ги прифаќаа овие вредности. Меѓутоа стручњаци од Хрватска и од Србија ги поддржаа резултатите на гостиварските планинари и дури по дваесет и три години, презентираните вредности од нивна страна беа потврдени и официјално Голем Кораб беше прогласен за највисок врв во поранешната држава. Тоа го потврди и Геодетската управа на Република Македонија, која го реализира проектот „ЕУРЕФ- МАК-96“. Резултатите за вистинската височина на Голем Кораб се потврдија и со најсовременото сателитско мерење – рече тој.
Така, Киро Кипроски не само што ја разбранува јавноста туку стана еден од најпознатите новинари планинари на тлото на поранешната држава.
ВО САРАЕВО ЈА ПОЧУВСТВУВА СИЛАТА НА ОЛИМПИЗМОТ
Како што за секој спортист главна цел во кариерата е да учествува на олимписки игри така и за спортскиот новинар една од целите кон која се стреми е да присуствува и да известува од најголемиот светски спортски собир. Киро Кипроски ја оствари таа цел со присуството на ЗОИ во Сараево во 1984 година.
– Да се следат натпревари на Зимски олимписки игри е нешто волшебно и неповторливо. Во Сараево од 8 до 19 февруари 1984 година и јас како известувач и фоторепортер на „Нова Македонија“ имав можност да бидам дел од олимпизмот. Снимив стотици фотографии од градот, потоа од натпреварите во хокеј во „Скендерија“, нордиските трки и скоковите на Бјелашница, алпските натпревари на Јахорина, боб и санкање на Требевиќ. Секаде беше возбудливо и незаборавно. Тогаш ги почувствував моќта и силата на олимпизмот, кој навистина претставува мост за зближување меѓу младите од целиот свет – рече Кипроски.
Во кариерата Кипроски известувал и од 13-то Светско женско ракометно првенство во СР Германија, кога во Берлин, на 14 декември 1997 година, Македонија ја победи Полска и го освои седмото место во светот.
– Бев пресреќен кога нашата ракометарка Индира Кастратовиќ беше прогласена, со 71 постигнат гол, за најдобар стрелец на шампионатот. Се сеќавам и на пријатниот и свечен момент кога македонскиот амбасадор во Германија, во тоа време д-р Срѓан Керим, на свечениот прием во ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин ѝ подари на Кастратовиќ букет со 71 роза, кој имаше симболика со постигнатите голови на СП – вели Кипроски.
Со овој детаљ ја завршувам приказната за врвниот новинар, публицист и хроничар, гостиварската и македонска легенда Киро Кипроски. Но тука не е крајот на неговата кариера. Тој со несмалено темпо продолжува да нѐ храни со возбудливи репортажи и записи, кои на свој начин стануваат дел од македонското книжевно творештво.