Лекарите сметаат дека кај нас многу малку се прави за превенирање на самоубиствата и предлагаат пакет мерки / Фото: Игор Бансколиев

Според експертите со кои се консултиравме, она што можеби најмногу загрижува е фактот што многу малку во јавноста се слуша за овој проблем, за растечкиот проблем со самоубиствата. Нема кампањи и нема речиси никаква општествена превенција што ќе влијае на намалувањето на суицидот како општествено негативен феномен… Што треба да се направи?

Суицидот како ретрограден општествен феномен е во пораст

 

Секоја година повеќе од 800.000 луѓе во светот умираат поради суицид. Самоубиствата се меѓу првите 20 водечки причини за смрт, севкупно, земајќи ги предвид сите возрасни категории.
Според податоците на Центарот за јавно здравје, ова апроксимативно одговара на едно самоубиство на секои 40 секунди. Самоубиството во некои земји е меѓу трите водечки причини за смрт кај лицата на возраст од 15 до 44 години и втора водечка причина за смрт во возрасната група од 10 до 24 години. Овие податоци не ги вклучуваат обидите за самоубиство. Бројот на обиди може да е повеќекратно поголем од бројот на самоубиства (10, 20 или повеќе пати, според некои истражувања). Она што можеби најмногу загрижува е фактот што многу малку во јавноста се слуша за овој проблем. Нема кампањи и нема речиси никаква општествена превенција што ќе влијае на намалувањето на суицидот како општествено негативен феномен.

Само во неколку земји превенцијата е вклучена меѓу општествените приоритети

Според статистичките податоци, во земјава, умрените од насилна смрт учествуваат во вкупниот морталитет со 2,2 отсто. Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, и во 2022 година поголемо учество имаат машките лица, и тоа 72,8 отсто.
Во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат несреќните случаи со 78,6 отсто, самоубиствата со 20,2 отсто и убиствата со 1,2 отсто.
Кај категоријата самоубиства, најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација (давење) и суфиксија (задушување), со учество од 12,3 отсто во однос на вкупниот број случаи на насилна смрт.
Според податоците од Центарот за јавно здравје, душевните растројства, примарно депресијата и растројствата од злоупотреба на алкохол, насилството, загубите во текот на животот, културната и социјалната заднина, претставуваат важен ризик-фактор за самоубиство.
Првите се важен ризик фактор за самоубиство во Европа и Северна Америка, додека во азиските земји, импулсивноста е таа што игра најважна улога. Самоубиството е комплексно и вклучува психолошки, социјални, биолошки, културни и други фактори на средината.
– Ограничувањето на пристапот до вообичаени средства и методи за намерно самоповредување и самоубиство, како на пример хемикалии и штетни супстанции (на пр. пестициди) и огнено оружје, идентификувањето и лекувањето на лицата што страдаат од душевни нарушувања и употреба на психоактивни супстанции, подобрениот пристап до здравствените и социјални услуги, и одговорното известување за самоубиствата со помош на медиумите, се корисни стратегии за превенција од самоубиства – информираат од Центарот за јавно здравје на својата интернет-страница.
Постои потреба од мултисекторски пристап на интервенции и активности на повеќе нивоа. Постојат убедливи докази за тоа дека адекватната превенција и лекување на депресијата и злоупотребата на алкохол и психоактивни супстанции можат да ја намалат стапката на самоубиства, заедно со контактите за следење на оние што се обиделе да се самоубијат.
Пошироко во светот, не ѝ е дадено доволно внимание на превенцијата од самоубиства поради недостиг од свест за самоубиството како значаен проблем и поради постоењето табу во многу општества да се дискутира отворено за тоа. Имено, само во неколку земји превенцијата од самоубиства е вклучена меѓу приоритетите.
Јасно е дека превенцијата во однос на феноменот – самоубиства, бара интервенција и надвор од здравствениот сектор и упатува на нов, иновативен, сеопфатен и мултисекторски пристап, вклучувајќи ги здравствените и нездравствените сектори, како што се образованието, полицијата, секторот за труд, правда, религија, законската регулатива, политиката, медиумите.

ДАЛИ ДОВОЛНО СЕ ПРЕВЕНИРА?

Неодамна беше Светскиот ден за превенција од самоубиства. Во нашата држава овој ден помина незабележано. Немаше кампања, немаше едукација, немаше ништо што би укажало на овој ден.
Кај нас како и секогаш, освен политички теми ништо друго не е актуелно.
За жал, и лекарите сметаат дека државата многу малку прави за да го превенира овој општествен проблем.
Според докторката Лидија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, не може постојано да се грижиме за ЕУ и што рекла Бугарија, а да не се грижиме за нашето население и особено за младите.
– Лошо третирана депресија или неоткриена депресија завршува со тешко психичко растројство. Лицето не зема редовно терапија, за него животот е тежок, не е прифатен во друштвото, ако пиел антидепресиви и ги прекинал, сето тоа ја влошува состојбата. Дополнително, овие лица не се забележани од никого, нивната состојба не е забележана. Во трката по пари и брзиот живот, во ерата на мобилните кога сите гледаат во нив, никој не ја забележува нивната состојба – вели Чолакова Дервишова.
Според неа, сѐ поголем е бројот на машки лица на возраст од триесет години што се сами, а исто е и со женскиот пол.
– Се знае на која возраст поединецот веќе има потреба од партнер. Дополнително тешките состојби, како коцкањето, уништувањето на животот на цело едно семејство придонесуваат за самоубиствата. Кај младите, пак, станува збор за неоткриена депресија, која можела да се лекува, но не била навреме откриена – вели таа.
Според неа, секоја депресија навреме откриена се лекува, државата треба да отвори центри во кои младите што имаат проблеми ќе можат да ги споделат и ќе работат на нивно решавање.
– Државата треба да отвори центри како оние што на граѓаните им се познати најчесто од филмовите, каде што групи лица со исти проблеми, во контролирана средина од психолог, психијатар, социолог, ќе работат на нивното решавање. Кај нас е потребно и да се отворат кафулиња за самци, каде што тие што се сами ќе можат да запознаат партнери. Триесет и кусур години работам како доктор и можам да заклучам дека многу малку се прави за депресијата во земјава – заклучува таа.

[email protected]