За временската компензација, сепак ќе одлучуваат судиите, според упатствата што ги добиле пред СП 2022 година

ФУДБАЛ

На 137. Собрание на меѓународниот одбор на Светската фудбалска федерација (ФИФА), донесени се неколку значајни одлуки за навивачите. Така, Одборот го одобри правилото што им дозволува на судиите да ѝ ги објаснуваат одлуките на публиката што се донесени врз база на ВАР-технологијата, на Светското првенство (СП) за играчи до 20 години во Индонезија, СП за жени во Австралија и Нов Зеланд и неколку други турнири на ФИФА.
Одборот не го усвои предлогот за мерење ефективна игра, според кој, стоперката требало да застане кога топката ќе излезе надвор од теренот. За временската компензација, сепак ќе одлучуваат судиите, според упатствата што ги добиле пред СП 2022 година.
Одборот не го прифати ниту предлогот за дополнителна замена за играч со повреда на главата. Темата ќе остане отворена, но се предлага да се продолжи со подобрување на протоколот за откривање потрес на мозокот.
Одборот заклучи дека полуавтоматскиот ВАР беше успешно имплементиран на СП во 2022 година и го одобри како дел од правилата за игра. За натпревари што немаат ресурси за имплементација на ВАР и полуавтоматски ВАР, одобрено е пробно тестирање на достапната видеоснимка. Г.И.