Годинашниот Глобален шаховски фестивал посвети внимание на истражувањето како можеме да донесеме добри одлуки во животот преку шахот, а на образовниот шаховски самит се разговараше за улогата на шахот и вештачката интелигенција во образованието, пишува ФИДЕ
ДЕВЕТТИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ НА ЈУДИТ ПОЛГАР
Повеќе од 4.000 луѓе ја посетија Унгарската национална галерија во текот на изминатиот викенд за настаните на 9. Глобален шаховски фестивал на Јудит Полгар, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за овој настан. Деветтиот Глобален шаховски фестивал посвети внимание на истражувањето како можеме да донесеме добри одлуки во животот преку шахот. Извонредните говорници, светски познатите шаховски инфлуенсери, учесници на олимпијади, велемајстори и публиката, одиграа клучна улога во обликувањето на настаните во живо и преку интернет, а во текот на двата дена на настанот, лично и онлајн, речиси 350.000 луѓе беа заинтересирани за програмите на фестивалот, како, на пример, како шахот и вештачката интелигенција можат да го реформираат образованието.
– Верувам дека во денешниот свет, за нас е особено важно да бидеме свесни за последиците од нашите одлуки. При изборот на темата, сакав луѓето малку да размислат кога и како се носат одлуките или како може да се модифицираат откако ќе се донесат. Шахот ни овозможува да го вежбаме и развиваме овој процес, па во текот на играта луѓето развиваат еден вид флексибилност и како да станат инстинктивни во изнаоѓање брзи решенија за различни животни ситуации. Во денешниот свет континуираното преиспитување и репланирање се од суштинско значење. Овој флексибилен начин на размислување игра клучна улога во нашето одлучување. Верувам дека треба да бидеме отворени кон светот и кон сите промени и вреди да ги научиме нашите деца. Наша цел е преку шахот да ги подготвиме децата за предизвиците на иднината, преку програмата „Шаховска палата“, која годинава слави 10-годишнина, за да можат да ги донесат најдобрите одлуки во нивната зрелост. Се надеваме дека годинашниот Глобален шаховски фестивал можеше да им ја пренесе на посетителите не само љубовта кон играта туку и рецептот за донесување добри одлуки – изјави Полгар, основачка на фестивалот.
Образовниот шаховски самит собра говорници од шест континенти, учествуваа говорници како Шамед Саит, експерт за вештачка интелигенција, и професорот по психологија на Универзитетот во Камбрија, Бери Хајмер, а се разговараше за улогата на шахот и вештачката интелигенција во образованието, како и за други иновативни развојни методи.
– Преку шаховските игри водени од вештачка интелигенција децата можат да се сретнат со повеќе можни исходи во текот на играта, што им ги олеснува учењето и практикувањето на последиците и ефектите од индивидуалните одлуки. Вештачката интелигенција што користи шах помага да се научат децата на флексибилно размислување и стекнување клучни вештини во 21 век – вели Саит.
Оние што ја посетија Националната галерија беа сведоци и на уникатна хибридна шаховска симултанка, каде што Полгар играше против 29 избрани играчи, меѓу кои и Тања Сачдев, индиска шампионка, бронзена медалистка на Шаховската олимпијада, инфлуенсерка, и Алесија Сантерамо, италијанската шампионка во шах, учесничка на шаховски олимпијади, стримерка. Донесувањето одлуки одигра значајна улога и тука, оти Сачдев и Сантерамо ги прашуваа своите следбеници за тоа кој треба да биде нивниот следен потег.
Полгар е единствената шахистка што ја надминала границата од 2.700 рејтинг-поени (највисок рејтинг во 2005 година, 2.735 поени), таа беше најмладата шахистка што се проби на листата на ФИДЕ меѓу 100 најдобри шахисти (55-та во јануари 1989 година, на возраст од 12 години), беше број еден шахистка во светот од јануари 1989 година до нејзиното пензионирање на 13 август 2014 година, а стана ВМ на 15 години и четири месеци, со што го надмина тогашниот рекорд што го држеше Роберт Фишер. Г.И.