Предвидени се неколку технички и спортски промени за претстојната сезона, која треба да почне на 5 март
ФОРМУЛА 1 – НОВИ ПРАВИЛА ЗА НОВАТА СЕЗОНА
Иако правилата на Формула 1 (Ф1) остануваат во голема мера исти годинава, по големото ресетирање во минатата година, уште има технички и спортски промени за претстојната сезона, пишува Ф1. Во продолжение следува преглед на некои новитети за сезоната, која треба да почне на 5 март, со трката во Бахреин.
Приспособени се висината на возењето и дифузерите. Четири дополнителни промени ќе влезат во игра годинава, рабовите на подот се кренати за 15 мм, висината на грлото на дифузорот е крената, зголемена е цврстината на работ на дифузорот и дополнителен сензор е наложен за поефективно следење на феноменот на појава на потскокнување.
Овие приспособувања, теоретски, треба да го направат тој феномен минато и да го задржат фокусот на возбудливата акција што ја испорача ресетирањето на правилата на Формула 1.
Има измени во безбедносните стандарди за обрачите на болидите по несреќата што ја доживеа Џоу Гуанју во почетокот на трката за големата награда на Велика Британија во 2022 година, при што неговиот болид превртен се лизгаше по патеката.
Техничките регулативи од 2023 година сега наведуваат дека е потребен заоблен врв на обрачот, што ќе ја намали шансата да се вкопа во земјата за време на несреќа, а тие обезбедуваат и минимална висина за точката на примена на тестот за хомологација.
Тежината на болидот беше главна точка за разговор пред сезоната во 2022 година, со тимови што се борат што е можно поблиску до границата од 798 килограми (без гориво) во услови на една од најголемите регулаторни промени во историјата на спортот. Како што се развива новата ера на Ф1, намалувањето од два килограма, на 796 кг, се спроведува за 2023 година, што значи дека дизајнерите ќе се обидат да намалат уште од тежината.
Во обид да се зголеми видливоста на возачот, ќе има промена на ретровизорите на болидите од годинава, со зголемување на ширината на рефлектирачката површина за 50 мм, од 150 на 200 мм.
Возбудливиот развој за 2023 година покажува дека бројот на настани со спринт-трки се удвои од три на шест. Така, такви трки ќе има во Азербејџан, Австрија, Белгија, Катар, САД и во Бразил.
Во меѓувреме, надоместокот за штета од незгода на спринт-трка сега ќе биде фиксен износ по тим, за секој викенд на трката што вклучува спринт-сесија. Износот на надоместокот ќе се удвои на 300 илјади долари од 2023 година, а сите други надоместоци за оштетување на спринт-трки ќе бидат отстранети, пишува Ф1.
Бројот на часови одработени од членовите на Ф1-тимот за време на тркачките викенди ќе се намали во претстојните сезони, при што третиот од трите ограничени периоди (применливи во петоците) почнува еден час порано годинава, а уште еден час ќе се намали во 2024 година. Како дополнување на овој потег, бројот на т.н. „полициски часови“ (задолжителен период во кој на тимовите не им е дозволено да имаат механичари или инженери што работат на болидот) дозволени за првиот (среда) и за вториот (четврток) ограничен период, исто така, ќе се намали на половина, од осум на четири и од шест на три, повторно со уште едно намалување планирано за следната година.
„Ревидираниот квалификациски формат (РКФ) ќе се одржи на најмногу два настани во 2023 година, со цел да се оцени дали ревизиите се соодветни за следните првенства“, според ажурираните регулативи. Ова ќе значи типови гуми задолжителни за секоја фаза од вообичаената триделна квалификациска сесија, тврди гуми само во квалификациска серија 1 (К1), средни гуми само во К2 и меки гуми само во К3. Средни и гуми за влажна подлога ќе бидат дозволени ако сесиите на РКФ се прогласат за сесии во влажни услови.
На настаните со РКФ секој возач може да користи не повеќе од 11 комплети гуми за суво време, четири комплети гуми за средно време и три сета гуми за влажно време. Ова се споредува со вообичаениот додаток за викенд од 13 комплети гуми за суво време, четири комплети гуми за средно време и три сета гуми за влажно време, пишува Ф1.
Што се однесува до ДРС (систем за намалување на отпорот), неговото активирање по стартот, рестартирање на трката или рестартирање за безбедносно возило, исто така, ќе бидат евалуирани, при што Комисијата на Формула 1 ја истражува можноста ова да се зголеми за еден круг во почетокот на трката или рестартирањето на спринт-трка или при присуство на безбедносно возило.
Додека промените на хомологираните менувачи на тимовите беа само претходно дозволени, модификациите сега се дозволени „во случај материјалите, процесите или сопствените делови да станат недостапни“. Сепак, во сите случаи мора да се обезбеди јасна документација која ја оправдува промената, мора да се добие претходно одобрение од Светската автомобилска федерација (ФИА), а модификацијата не смее да дава никаква предност во перформансите. Резимето на модификацијата потоа од ФИА ќе биде доставено до сите тимови.
Мала промена на хартија може да има влијание годинава, особено на пожешките трки, со одредена дополнителна слобода да им се даде на тимовите во однос на ладењето на горивото. За 2023 година горивото во автомобилот во Формула 1 не смее да биде поладно од 10 степени под температурата на околината или 10 степени (ова се намалува од 20 степени) во секое време кога автомобилот работи откако ќе ја напушти одредената гаража на натпреварувачот.