Слободните тренинзи и квалификациите за спринт ќе бидат во петоците, а спринтерска трка и квалификациите за главната гранпри-трка во саботите. ФИА рече дека промените во форматот на спринт-трките ќе бидат претставени пред Светскиот совет за мотоспорт на 28 февруари
ФОРМУЛА 1
Шефовите на Формула 1 најавија промени во форматот на спринт-трките за сезоната 2024 година, па така, слободните тренинзи и квалификациите за спринт ќе бидат во петоците, спринтерска трка како прва акција на патеката во саботите, по што истиот ден подоцна ќе следуваат квалификациите за главната гранпри-трка, пишува „Би-би-си“.
Саботата претходно беше одвоена како ден фокусиран на спринтот. Годинава ќе има шест спринтерски трки, и тоа во Кина, Мајами, Австрија, Остин, Бразил и во Катар, пишува „Би-би-си“.
Управното тело на Формула 1, Интернационалната автомобилска федерација (ФИА), рече дека „регулаторните подобрувања“ за промените во форматот на спринт ќе бидат претставени пред Светскиот совет за мотоспорт на 28 февруари.
Интернационалната автомобилска федерација, исто така, потврди дека активирањето на системот за намалување на отпорот (ДРС) ќе биде „до еден круг, наспроти два круга по почетокот на трката, или по повторното стартување по безбедносното возило“, пренесе „Би-би-си“. Н.М.