БОКС – ДЕНЕСКА И УТРЕ ВО СКОПЈЕ

Една од најстарите спортски манифестации во Македонија, меѓународниот боксерски турнир „Златен гонг“, денеска и утре ќе се одржи во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
– „Златниот гонг“ влегува во една од трите најстари боксерски манифестации на Европа. Србија, Шкотска, Црна Гора, Унгарија, Англија, Еритреја, Албанија, Бугарија, Шведска и Косово, заедно со нас како домаќини, се 11-те земји-учеснички, со околу 60 боксери што ќе настапат на годинашнава боксерска манифестација. Македонија ќе настапи со шест боксери, сите млади и надежни, кои можеби не се звучни имиња, но имаат капацитет да изненадат – рече на вчерашната прес-конференција претседателот на Боксерската федерација на Македонија (БФМ), Примислав Димовски.
Боите на Македонија на „Златниот гонг“ годинава ќе ги бранат Ален Рустемов, Илхан Озмен, Ајхан Озмен, Дион Лена, Алим Насуфи и Али Аземи.
– Агенцијата за млади и спорт (АМС) му дава поддршка на врвниот спорт во Македонија, па така и за оваа манифестација, која, пак, овозможува кревање на боксот на едно повисоко ниво, посебно на младите македонски натпреварувачи – рече, меѓу другото, директорот на АМС, Наумче Мојсовски.
Лук Глен Мегваер од Ирска го крена победничкиот трофеј на јубилејниот 50. „Златен гонг“ лани, а македонскиот репрезентативец Јасин Љама беше прогласен за најдобар техничар. Досега вкупно 12 македонски боксери го освојувале „Златниот гонг“. Г.И.