Ако некој од шесте најбрзи луѓе на светот годинава освои злато на 100 метри, тој ќе биде четвртиот различен шампион (на ЛОИ или на СП) откако се повлече Јусеин Болт
АТЛЕТИКА – УТРЕ ПОЧНУВА СП 2022
Во Јуџин (САД), утре, почнува 18. Светско првенство (СП) во атлетика на кое ќе настапат околу 2.000 спортист(к)и од 192 земји, а маратонката Адријана Поп Арсова ќе ја претставува Македонија. Американската телевизија НБЦ издвои неколку настани на кои треба да им се обрне внимание.
l Трка на 100 метри, мажи (финале в сабота). На Летните олимписки игри (ЛОИ) лани медалите ги освоија Марсел Џејкобс (злато), Фред Керли (сребро) и Андре де Грас (бронза). Ранг-листа за 2022 година: Керли (9,76), Трејвон Бромел (9,81), Јохан Блејк, Марвин Брејси, Вилијамс, Фердинанд Омањала (9,85). Џејкобс го мачат повреди откако ја освои светската титула на 60 метри во сала во март. Керли ги истрча двете најбрзи времиња годинава во период од два часа, 9,76 и 9,77 секунди. Ако некој од шесте најбрзи луѓе на светот годинава освои злато, тој ќе биде четвртиот различен шампион (на ЛОИ или на СП) откако се повлече Јусеин Болт.
l Трка на 100 м, жени (недела). ЛОИ: Елејн Томпсон-Хера, Шели-Ен Фрејзер-Прајс, Шерика Џексон. Рангирање за 2022: Фрејзер-Прајс (10,67), Џексон (10,77), Томпсон-Хера (10,79). Атлетичарките од Јамајка се фаворитки. Томпсон-Хера го истрча второто најбрзо време во историјата (10,54) во Јуџин лани во август, што е блиску до светскиот рекорд на Флоренс Грифит-Џојнер (10,49) од 1988 година. Фрејзер-Прајс (35) ќе се обиде да стане најстарата светска шампионка во индивидуален настан. Таа може да стане и првата што освоила пет светски титули во индивидуална конкуренција.
- Трка на 200 м, мажи (21 јули). ЛОИ: Андре де Грас, Кени Беднарек, Ноа Лајлс. Рангирање за 2022: Ерион Најтон (19,49), Лајлс (19,61), Рејние Мена (19,63 секунди). На 30 април, Најтон ја истрча делницата за 19,49 секунди, што е четврто најбрзо време во историјата зад Болт, Јохан Блејк и Мајкл Џонсон.
l Трка на 400 м со пречки, мажи (19 јули). ЛОИ: Карстен Ворхолм, Раи Бенџамин, Алисон дос Сантос. Рангирање за 2022: Дос Сантос (46,80), Бенџамин (47,04), Тревор Басит (47,47). Лани Норвежанецот Ворхолм го собори најдолготрајниот светски рекорд за мажи (на Кевин Јанг од ЛОИ 1992, 46,78) постигнувајќи време од 45,94 секунди. Дос Сантос (22) е најмладиот од триото. - Трка на 400 м со пречки, жени (22 јули). ЛОИ: Сидни Меклафлин, Далила Мухамед, Фемке Бол. Рангирање за 2022: Меклафлин (51,41), Бол (52,27), Бритон Вилсон (53,08). На претходните четири трки Меклафлин трипати го соборуваше светскиот рекорд. Таа е голема фаворитка и покрај присуството на втората и третата најбрза жена во историјата, Далила Мухамед, прва на ЛОИ 2016 и поранешна светска рекордерка, и Фемке Бол.
- Трка на 5.000 м, мажи (24 јули). ЛОИ: Џошуа Чептегеи, Мохамед Ахмед, Пол Челимо. Рангирање за 2022: Николас Кипкорир (12:46,33), Џејкоб Кроп (12:46,79), Бериху Арегави (12:50.05). На собир се актуелните олимписки златни медалисти на 1.500 метри (Јакоб Ингебригтсен од Норвешка), 5.000 м (Чептегеи) и на 10.000 м (Селемон Барега од Етиопија). Во Токио, Ингебригтсен не трчаше на 5.000 м, бидејќи таа трка се совпадна со трката на 1.500 м.
- Трка на 800 м, жени (24 јули). ЛОИ: Атинг Му, Кили Хоџкинсон, Ревин Роџерс. Рангирање за 2022: Му (1:57,01), Аје Вилсон (1:57,23), Мери Мораа (1:57,45). Лани Му (19) стана најмладата Американка со олимписка титула во претходните 49 години. Нејзиниот последен пораз на 800 метри е во 2019 година.
- Трка на 100 м со пречки, жени (24 јули). ЛОИ: Јасмин Камачо-Квин, Кени Харисон, Меган Тапер. Рангирање за 2022: Харисон (12,34), Алајша Џонсон (12,35), Камачо-Квин (12,37). Во опасност е светскиот рекорд на Харисон од 12,20 секунди. Лани Камачо-Квин во олимпиското финале истрча 12.26 секунди, најдоброто време досега со ветер во гради.
- Фрлање ѓуле, мажи (17 јули). ЛОИ: Рајан Краузер, Џо Ковач и Том Волш, исто како на ЛОИ 2016. Рангирање за 2022: Краузер (23,12), Ковач (22,87), Волш (22,31 метри). Краузер, светскиот рекордер (23,37), ги има најдобрите пет фрлања во светот годинава. Л.Д.