ШАХ – ВТОРА ЛИГА НА МАКЕДОНИЈА, МАЖИ И ЖЕНИ
Со мала промена во составот одиме во второто коло, каде што повторно ќе играме за победа, вели капитенот на Мулти Есенс, ВМ Трајко Недев. На првенствата играат 10 екипи во машка и пет во женска конкуренција
Во Струга се одиграа партиите од првото коло во Втората шаховска лига на Македонија за мажи (10 екипи), во која настапува и новоформираниот клуб Мулти Есенс, кој, во согласност со стратегијата на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје, ќе биде полигон за калење млади шахисти во сениорска конкуренција. Откако пролетва успешно ги минаа квалификациите, младинците од шаховската школа на најтрофејниот македонски шаховски колектив почнаа со победа во првиот настап.
Совладан е Прилеп со 3,5-2,5, што отсликува дека се играше борбено и без калкулации. За Мулти Есенс настапија Теодор Јовановски (2.112 рејтинг-поени), Стојан Велкоски (2.070), Матео Ефтовски (2.005), Андреј Иванов (1.905), Стефан Мелник (1.874), Дино Табаковски (1.852) и Кирил Николовски (1.842).
– Раководството на тимот вклучи двајца млади велемајстори (ВМ), Црногорецот Лука Драшковиќ од Црна Гора (2.492) и Србинот Лука Будисављевиќ (2.478), кои ќе внесат искуство и стабилност. Тоа и се случи, па двете победи на првите две табли ја олеснија ситуацијата, а по ремито на Јовановски на третата и со победата на Ефтовски на петтата табла, беа освоени потребните поени за победа – информираат од ШК Мулти Есенс.
Се игра на шест табли, а во екипите може да има најмногу двајца странци. Првите две екипи обезбедуваат пласман во Првата лига за сезоната 2025.
– Очекувано, првиот настап донесе мала возбуда и трема кај играчите. Сепак, најбитно е што излеговме како победници од овој дуел. На четвртата и на шестата табла играчите доживеаја релативно брзи порази, односно не ги покажаа своето вистинско ниво и очекувањата. Со мала промена во составот одиме во второто коло, каде што повторно ќе играме на победа против ШК Ласкер од Охрид – изјави капитенот на Мулти Есенс, ВМ Трајко Недев.
Други резултати од првото коло: Кочани – Центар 4,5-1,5, Нов напредок – Шах-Шех 4,5-1,5, 7. Ноември – Шкендија 5-1, Карпош – Ласкер 3,5-2,5.
На првенството за жени настапуваат пет екипи (се игра на четири табли), a првите две екипи обезбедуваат настап во Првата лига за годинава. Резултати: Пелагон (Прилеп) – Шах-Шех (Битола) 4-0 и Капабланка (Скопје) – Дамин Гамбит (Скопје) 4-0. Слободна беше екипата на 4. Ноември (Битола). Г.И.