Монте Карло беше домаќин на Ф1-трка за првото СП во 1950 година и стана препознатлив по патеката низ кривулестите градски улици, но таа повеќе не ги задоволува потребите на модерните Ф1-болиди
ФОРМУЛА 1
Организаторите на трката за големата награда (ГН) на Монако изјавија дека таа и натаму ќе остане во календарот на Формула 1 (Ф1). Договорот за трката што се вози низ улиците на монденскиот Монте Карло истекува годинава (трката е на 29 мај), но претседателот на Автомобилскиот клуб од Монако, Мишел Боери, е убеден дека договорот ќе биде продолжен и по 2022 година.
– Можам да ви гарантирам дека гранприто ќе продолжи да се одржува и по 2022 година. Не знам дали тоа ќе биде договор на три или на пет години, но тоа е само детаљ – изјави Боери.
Монте Карло беше домаќин на Ф1-трка за првото Светско првенство (СП) во 1950 година и стана глобално препознатлив по патеката низ кривулестите градски улици. Но патеката повеќе не ги задоволува потребите на модерните Ф1-болиди и околу неа станува невозможно да се организираат други случувања. Во минатото, поради престижот на настанот, организаторите на трката не беа обврзани да плаќаат такса за нејзиното одржување, но крај на тој аранжман му ставија новите сопственици на Ф1, „Либерти медија“.
Неодамна Ф1 склучи договор за одржување трка во Лас Вегас следната година, а се очекува наскоро да додаде уште една, во Кјалами во Јужна Африка. Со сезона од 24 трки се зголемува притисокот врз организаторите да го оправдаат одржувањето. Извршниот директор на Ф1, Стефано Доменикали, предупреди дека „педигрето“ на трката нема да ѝ гарантира место во календарот и дека некои настани може да се менуваат во и надвор од распоредот.