Фото: Емил Јовановиќ

Талентираниот 10-годишен шахист ги изненади сите со својата победа, која дојде по 48 потези, на турнир на кој се играше со темпо на размислување од 60 секунди по играч за цела партија. Ова не е првпат Оро, кој почна да игра шах пред помалку од четири години, за време на пандемијата на ковид-19, да го привлече вниманието, откако импресионира на СП 2023 во брз шах

ОНЛАЈН-ТУРНИР ВО БРЗ ШАХ

Аргентинското чудо од шах, 10-годишниот Фаустино Оро (2.330 рејтинг-поени, во класичен шах, а рангиран 3.263-ти во светот) предизвика големо изненадување со победата над најдобриот шахист на денешницата, Норвежанецот Магнус Карлсен, на престижен онлајн-турнир. Талентираното момче, локално познато како Меси во шахот, ги изненади сите со својата победа, до која дојде по 48 потези, пишува „Буенос Аирес тајмс“.
На годишниот турнир, кој собира шахисти од целиот свет, Оро играше против Карлсен, кој е негов омилен играч. И покрај предизвиците на кратката игра (60 секунди по играч за цела партија), тој успеа да ја искористи грешката на Карлсен за да стигне до историска победа. Иако Оро не беше прв на турнирот, неговиот настап не остана незабележан, го освои 21. место меѓу 156 играчи, што е неверојатно достигнување за толку млад играч. На турнирот победи ВМ од САД, Хикару Накамура.
Сепак, ова не е првпат Оро да го привлече вниманието. На СП во брз шах во 2023 година тој импресионира со победи во три партии против многу поискусни ривали, а неговата вештина на рана возраст е споредлива, па дури и супериорна од онаа на другите светски мајстори на таа возраст, пишува „Буенос Аирес тајмс“.
Во минатогодишното интервју за „Перфил“, тренерот на Оро, ИМ Хорхе Росито, откри дека Норвежанецот му е омилен играч на Фаустино. Накамура одигра партија против Фаустино лани.
– Фаустино дефинитивно ќе биде голем мајстор – рече тогаш Накамура.
Оро првпат почна да игра шах пред помалку од четири години, за време на пандемијата на ковид-19. Тој е најмлад ФИДЕ-мајстор (ФМ) во историјата на шахот и учесник на СП. Титулата ја освои во јуни лани поминувајќи ја бариерата од 2.300 рејтинг-поени.
– Фаустино почна да ги движи фигурите во мај 2020, среде пандемијата, гледајќи партии на Јутјуб. Татко му му покажа мала табла, а потоа со видеата Фаустино стана шаховски ентузијаст. Таткото на Фаустино контактираше со мене, а на 4 септември 2020 година му ја одржав првата лекција. Тој тогаш имаше само шест години. Тој е борец, секогаш игра за да победи. Тоа е извонредно оти има многу луѓе што се многу студиозни, талентирани, но кога станува збор за играње, може да имаат малку страв и почит кон ривалот. Се сеќавам дека Фаустино имаше шест години и играше против интернационални мајстори, играше за победа, а немаше ни меѓународен пласман. Тој има победнички менталитет уште од раѓање – вели Росито. Г.И.