ЏУДО – НА ТУРНИРОТ ВО НИШ

Младите џудисти на скопскиот клуб Миоки, предводени од тренерот Игор Паскоски, постигнаа забележителен успех освојувајќи вкупно шест медали, од кои два златни, два сребрени и два бронзени на меѓународниот турнир во Ниш, Србија, во организација на тамошниот џудо-клуб Шогун.
Во конкуренција на повеќе од 400 натпреварувачи од повеќе клубови од пет држави, со злато се закитија Хамида Друштинац (до 36 кг) во возрасната категорија до 15 години и Виктор Трчков (над 50 кг) до 13 години.
Сребрени медали освоија Емилија Паскоска (до 40 кг) и Демир Друштинац (до 26 кг) и двајцата до 13 години. Со бронзени медали, пак, од Ниш се вратија Марко Панчевски (до 60 кг) и Петар Давчев (до 60 кг) и двајцата во возрасната категорија до 15 години.
Од клубот Миоки информираат дека одличен настап на турнирот имале уште Ерик Крстев и Нина Панчевска иако не успеале да освојат медал. Со тоа продолжува успешниот настап на Миоки на меѓународните турнири, по оној во Лакташи (БиХ), на кој освоија седум медали, од кои четири сребрени и три бронзени. Г.И.