Фото: ЕПА

ТЕНИС

Појавата на трета млада ѕвезда што ќе ја предизвика супериорноста на Карлос Алкараз и на Јаник Синер би го кренала на нови височини веќе блескавото соперништво на дуото, рече тенискиот великан Џон Мекинро, пренесе агенцијата „Ројтерс“. Алкараз и Синер неодамна играа во финалето на гранслем-турнирот Ролан Гарос и се упатуваат кон Вимблдон, кој почнува в понеделник, откако ги поделија последните шест гранслем-турнири меѓу себе.
– Ќе биде интересно време да се види дали има уште еден или двајца играчи што можат да се пробијат со тие двајца на начинот на кој Новак Ѓоковиќ го направи тоа кога се обидуваше да стигне до исто ниво како Роже Федерер и Рафаел Надал. Тоа ви покажува каков тип играч беше тој што можеше да го направи тоа. Но во моментов има празнина – рече Мекинро.

Ѓоковиќ, Федерер и Надал уживаа во дводецениско ривалство во машкиот тенис, а нивната ера на доминација беше уште побогата од тристраната природа на соперништвото. Шампионот на Отвореното првенство на Мајами, Јакуб Менсик (19), и 18-годишниот Бразилец Жоао Фонсека се двајца тинејџери што Мекинро би можел да ги замисли како се пробиваат во соперништвото Алкараз-Синер, како и Американецот Бен Шелтон, пренесе „Ројтерс“. Н.М.