Русинот го освои својот 18-ти трофеј во кариерата, трет во низа, откако претходно славеше на турнирите во Доха и во Ротердам, а 14 натпревари не знае за пораз
ТЕНИС – ПО ТРИУМФОТ НА ТУРНИРОТ ВО ДУБАИ
Рускиот тенисер Данил Медведев (27) лесно за само 68 минути со 2-0 во сетови (6-2, 6-2) го совлада сонародникот Андреј Рублев (25), во финалето на турнирот во Дубаи од серијата 500. Со тоа Медведев го освои својот 18-ти трофеј во кариерата, трет во низа, откако претходно славеше на турнирите во Доха и во Ротердам, а 14 натпревари не знае за пораз. Рублев, кој му беше поранешен јуниорски ривал на Медведев, победи на претходните два меѓусебни дуела одиграни во Синсинати (САД) во 2021 и во Торино (Италија) 2022 година.
– Се чувствувам неверојатно, оти почетокот на годината ми е совршен. Тоа беше многу тактички натпревар. Знам дека Андреј може да им направи многу проблеми на сите. Сега успеав да бидам на врвот, но следниот меч може да биде поинаква приказна. Во тенисот кога не победуваш на турнири, секогаш се сомневаш што ќе се случи, па така беше и овде, но сега се чувствувам подобро. Навистина сум среќен овие три недели и со нетрпение ги очекувам следните – рече Медведев, поранешниот светски рекет број еден, кој кратко време беше надвор од топ 10, по раната елиминација на годинашниов гранслем-турнир Австралија опен, пренесува Би-би-си.
Медведев, кој ја освои четвртата титула од серијата 500 во неговата кариерата, важи за еден од главните фаворити пред првите мастерс-турнири сезонава во Индијан Велс и во Мајами (САД). На патот до трофејот во Дубаи, Медведев стигна без загубен сет, а ги победи Италијанецот Матео Арналди, Казахстанецот Александар Бублик, Хрватот Борна Ќориќ и првиот фаворит, Србинот Новак Ѓоковиќ, и Рублев, од кој последниот со финалниот пораз не успеа да го одбрани трофејот во Дубаи и остана на 12 трофеи во својата досегашна кариера. Г.И.