ТЕНИС – СМЕНА НА АТП-ВРВОТ
Досега неприкосновениот Ѓоковиќ падна на третото место, но постави рекорд и за цели 63 недели го надмина некогашниот резултат на Федерер
Доминацијата на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на светската АТП-листа е прекината. За тоа се погрижи рускиот тенисер Данил Медведев, кој од вчера загосподари на светскиот трон. Со конечната одлука да му се одземат бодовите од минатогодишниот Вимблдон, а годинава да не се добијат нови, поради забраната за настап на Русите и на Белорусите, на Ѓоковиќ првично му беше одземена шансата да се бори за 6.000 бода во 2022 година.
Дотогаш неприкосновениот Ѓоковиќ, сепак, постави рекорд од 373 недели (но не во низа) и за цели 63 недели го надмина некогашниот резултат на Швајцарецот Роџер Федерер, за кој се веруваше дека ќе биде неприкосновен на врвот со децении. Сепак, поради сите споменати пречки, прашање е кога Ѓоковиќ ќе има можност пак да се врати на позицијата број еден.
Згора на тоа, српскиот ас, бележи пад за две места и од денеска е трет рекет во светот, бидејќи него го мина и Германецот Александар Зверев. Куриозитет е што ни Медведев поради политички одлуки, ниту Зверев поради повреда, нема да настапат на гранслем-турнирот Вимблдон.
Сега прв е Данил Медведев со 7.950 бода, а го следат Александар Зверев (7.075), Новак Ѓоковиќ (6.770), Шпанецот Рафаел Надал (6.525), Норвежанецот Каспер Руд (5.050), Гркот Стефанос Циципас (4.945), Шпанецот Карлос Алкарас (4.893), Русинот Андреј Рублев (4.125), Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим (3.895), а листата на најдобрите 10 ја затвора Италијанецот Матео Беретини (3.570).
Најдоброрангиран македонски тенисер е Горазд Србљак (20), кој е на 874-то место со 16 бода, додека најдоброрангирана македонска тенисерка е Лина Ѓорческа (27), која со 232 бода е на 285-то место.