Одермат (24), кој надвор од скијањето ужива да присуствува на швајцарските фестивали во борење, еден вид средновековна верзија на тој спорт, а неговото главно летно хоби е пловењето, е водечки во генералниот пласман во Светскиот куп (СК) и е фаворит за освојување медал во три дисциплини на ЗОИ 2022, но вели дека поголема цел сезонава му е да стане вкупен победник во СК, откако лани беше втор
Кога имал 10 години, Швајцарецот Марко Одермат победил на една јуниорска трка, а наградата за освоеното прво место била еден ден скијање со идолот, сонародникот и великан во спуст Дидие Куш. „Дидие беше мојот единствен идол, го гледав и го бодрев на секоја трка и бев навистина емотивно поврзан со него. Кога тој ќе победеше, јас бев најсреќното дете, а кога не победуваше, понекогаш плачев дома“, изјави во едно неодамнешно интервју Одермат, новата ѕвезда во алпското скијање.
Одермат победил на јуниорската трка трипати, што секојпат резултирало со шанса да скија со Куш, кој го држи рекордот со пет победи во спуст на „страшната патека“ во Кицбил, Австрија. Сега, десетина години подоцна, на 24-годишна возраст, Одермат е водечки во генералниот пласман во Светскиот куп (СК) и ги исполнува очекувањата по петте златни медали на јуниорското Светско првенство во 2018 година. Тој е фаворит за медал на Зимските олимписки игри во Пекинг следниот месец, во велеслалом, супервелеслалом и во спуст, се наведува во статијата на агенцијата Асошиејтед прес (АП).
– Освојувањето медал ќе биде целта – вели Одермат, признавајќи дека поголема цел сезонава му е да стане вкупен победник во СК, откако минатата година беше втор, зад Алексис Пинтуро.
Сезонава Одермат доминира во СК во велеслалом, победувајќи на четири од петте трки. Тој победи и на два супервелеслалома, а беше втор на трите најтешки спуст-трки, во Бормио, Венген и во Кицбил.
– Има голем притисок врз него, бидејќи има многу спонзори, уште од почетокот. Но тој има шампионски начин на размислување. Други скијачи се нервозни или прават грешки на трките. Тој секогаш може да се справи со сето тоа – вели поранешниот швајцарски скијач, сега ТВ-аналитичар, Марк Бертод.
Одермат надвор од скијањето ужива да присуствува на швајцарските фестивали во борење, еден вид средновековна верзија на тој спорт.
– Тоа е голема швајцарска традиција. Одлично е за гледање, има неверојатна атмосфера и добра забава потоа – вели тој.
Неговото главно летно хоби, пак, е пловењето.
– Живеам во близина на езеро. Уште немам брод, иако имам дозвола, но некои пријатели имаат брод, па налето многу време сме на езерото – рече Одермат.
За разлика од многу елитни скијачи, Одермат нема приватен тим. Тој се потпира целосно врз швајцарскиот национален тим, дури користи и швајцарски скии направени од фирмата „Штокли“, релативно мал производител во споредба со поголемите австриски брендови што спонзорираат многу врвни скијачи.
– Тие прават сѐ за мене и сѐ функционира совршено со нив – вели Одермат, кој го има истиот ски-техничар, Крис Ледлер, веќе шест години.
Технички, тој е скијач за дисциплината велеслалом. Неговиот стил за брзинските трки, во супервелеслалом и во спуст, е понеконвенционален.
– Тој уште се развива како скијач. Технички може многу да ризикува, таму каде што на другите, кога скијаат на тој начин, обично не им се исплати. Но се чини тоа за него е сосема доволно – вели американскиот скијач Рајан Кокран-Сигл, за што како пример ја посочува победата во супервелеслалом во Бивер Крик, кога успеа да ја поправи траекторијата во воздух, над последниот скок.
Тој го споредува Одермат со великани како Херман Маер и Боде Милер, современици на Куш. Но Одермат, кој е висок 1,83 метар, не личи на неговиот идол Куш, кој со височината од 1,74 метар беше покомпактен и помускулест.
– Не се обидував да скијам како него. Само сакав да скијам. Тој е сосема поинаков вид скијач. Јас си останав на мојот пат и се обидувам да ја подобрувам техниката на мој начин – вели Одермат.