Во статијата објавена во тамошниот весник „Тамил наду“, во која има и фотографија од нашите шахисти и шахистки и селекторите, пишува дека најголем впечаток им оставила македонската репрезентација, затоа што била најмногубројна, највесела, најгласна, најдружељубива, а особено при разгледувањето на историските знаменитости, вели спортскиот директор на македонската репрезентација Миновски

ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО ИНДИЈА

Македонската машка и женска шаховска репрезентација, кои настапуваат на 44. Шаховска олимпијада (ШО) во индискиот град Ченаи, не само што се едни од најмладите туку во исто време се и едни од најпопуларните таму. Тоа најдобро го илустрира и еден напис на тамошниот весник „Тамил наду“, каде што е објавена и заедничка фотографија од двете македонски селекции за време на единствениот слободен ден на Олимпијадата.
– Во статијата објавена во тамошниот весник „Тамил наду“ пишува дека слободниот ден на ШО повеќето репрезентации го искористиле за посета на историските знаменитости во блиската околина. Но најголем впечаток, како што наведува весникот, им оставила македонската репрезентација, затоа што била најмногубројна, највесела, најгласна, најдружељубива, но и најкомпактна, а особено при разгледувањето на историските знаменитости, додека сите други селекции биле во групи од по тројца-четворица или петмина луѓе. Текстот е проследен и со заедничка фотографија, за време на посетата на најпознатиот тамошен храм, наречен Храм на брегот. Храмот е оштетен од временски непогоди, па денес во него нема повеќе верници и претставува само убав историски споменик, кој е заштитен од УНЕСКО, но кој и натаму привлекува многу туристи од светот – вели спортскиот директор на македонската репрезентација Ѓорѓи Миновски.
Што се однесува до расположението во македонскиот табор, тоа, според Миновски, е на највисоко ниво и во финишот на ШО, пред одигрувањето на последните две значајни кола.
– Расположението во двете репрезентации и стручниот штаб е на високо ниво, освен кога ќе се изгуби некоја партија во која сме имале подобра позиција, но, за среќа, разочарувањето не трае долго, што сметам дека е многу важно за ваков вид натпреварување. Тоа другарство, особено во машката репрезентација, е повеќегодишно, оти Ристески, Николовски, Лазов и Велјаноски веќе долго време играат заедно на исти турнири, се дружат и добро се познаваат. Секако, и кај девојките постои големо другарство, а соработката и добриот дух се на високо ниво и меѓу двете репрезентации. Всушност, и додека се возиме до салата за играње, секогаш преовладуваат смеата и шегите, а често тоа е проследено и со песна, особено кога ќе забележиме победи. Во нашиот табор нѐ посети и македонскиот шахист Ристе Менкиноски, кој е тука со шаховската делегација на Тајланд, каде што повеќе години работи како шаховски тренер на деца и има забележителен резултати со младите таленти. Ни беше мило на сите што имавме шанса да се видиме со него и да се дружиме – појаснува Миновски, кој патем се грижи сѐ да биде во ред во македонскиот табор.
Тој се осврна и на изборот на претседател и потпретседател на ФИДЕ
– Во неделата се видовме накратко и со поранешниот светски првак, Индиецот Вишанатан Ананд, како и со претседателот на Шаховската федерација на Индија. Тие сепак тука се главни ѕвезди, а многу пријателски расположени, па сакаат да одвојат малку време за да разговараат и да се сликаат со повеќемина шахисти. Го искажав моето задоволство и воопшто на целата делегација за одличната организација на Олимпијадата, притоа честитајќи му ја потпретседателската функција во ФИДЕ на Ананд. Накратко му спомнав дека сакаме да организираме големи опен-турнири во Македонија и да видиме што поголем број шахисти од Индија. Што се однесува до изборот на Аркадиј Дворкович за претседател на ФИДЕ, целата атмосфера тука оставаше впечаток дека тој ќе биде реизбран за претседател. Се очекуваше сигурна победа, но мислам дека никој не очекуваше тоа да биде толку убедливо. Тоа особено стана јасно за време на неговиот предизборен говор, кој беше поздравен со побурен аплауз од говорот на неговите конкуренти, што, секако, беше еден предзнак за тоа кој е во предност – вели Миновски.
На две кола до крајот, македонската машка селекција, рангирана 71. пред почетокот, беше на 48-то место, со 11 екипни бода (22 поена по табли) во конкуренција на 187 држави, додека македонската женска селекција, рангирана 71. беше на 66-то место, со 10 екипни бода (18,5 поени по табли), меѓу 161 селекција. Вчера, во 10-то претпоследно коло, шахистите играа со Египет (рангиран 38.), а шахистките против Мексико (рангиран 54-ти). Кај мажите во водство беше Узбекистан, со 11 екипни бода (28,5), пред втората селекција на Индија 15 (27,5) и Ерменија 15 (23). Кај жените, пак, Полска, Индија, Казахстан и Грузија, сите имаа по 15 екипни бода. Г.И.


Дворкович реизбран за претседател на ФИДЕ

Русинот Аркадиј Дворкович е реизбран со втор мандат за претседател на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Тој на генералното собрание на ФИДЕ, одржано во рамките на ШО во Ченаи, доби со 157 гласа, наспроти 16 за неговиот противкандидат, украинскиот велемајстор Андриј Баришполетс. Третиот кандидат, Французинот Бачар Куатли, ја повлече својата кандидатура откако го одржа својот говор пред да започне гласањето. Петкратниот светски шампион во шах, Вишванатан Ананд, кој беше дел од тимот на Дворкович, е новиот заменик-претседател на ФИДЕ.
Дворкович (50) е роден во Москва, а првпат беше избран за претседател на ФИДЕ во октомври 2018 година, наследувајќи го Кирсан Иљумжинов. Како што наведе во неговиот предизборен говор, главни приоритети во вториот мандат ќе му бидат да продолжи да ги подобрува врвните настани, оние што се дел од циклусот за СП како движечка сила на ФИДЕ, да се прошират онлајн-проектите на ФИДЕ, да се бараат нови партнерства, а да се зајакнат постојните. Понатаму, да се одржи и засили поддршката на федерациите-членки, со подигање нова генерација арбитри, организатори и тренери, како и училишни инструктори, да продолжи да се инвестира во промовирање на женскиот шах. Да се продолжи со проширување на социјалните програми на ФИДЕ, со нагласка дека шахот е култура и алатка за подобрување на општеството, односно повеќе од само игра или спорт…