ИНTЕРВЈУ: АТАНАС КИЗОВ, СЕЛЕКТОР НА МАШKATA ШАХОВСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Гледам голема масовност во последно време, а со правилна работа таа масовност мора да даде и квалитет, вели Кизов
Интернационалниот мајстор (ИМ) Атанас Кизов (50) ќе ја предводи машката сениорска шаховска репрезентација во следните две години, вторпат, оти на селекторската функција беше и во периодот од 2007 до 2010 година, кога Македонија настапи на по две Шаховски олимпијади (ШО) и Европски првенства (ЕП). Повеќепати бил и шаховски тренер на македонската машка и женска репрезентација, како и повеќекратен репрезентативец, учесник на три ШО и две ЕП. Во 2000 година бил на делба на првото место на Првенството на Македонија. ИМ е од 2005 година.
Дали е потешко да се игра шах или да се биде селектор и да се следат сите табли, да се прави составот, да се гради тактиката?
– Сѐ си има своја тежина, но, сепак, играњето шах е потешко отколку да се биде селектор, оти притисокот е многу поголем. Во другите спортови можеш 15 минути да играш слабо, па и цело полувреме или сет, па полека да се консолидираш, дури и да победиш, благодарејќи на некои совети, поддршка од соиграчите итн. Во шахот го нема тоа, една грешка и ја губиш партијата, а многу ретко грешката проаѓа неказнето. Се сеќавам кога и самиот бев активен играч, кога ќе го дознаев противникот за следното коло, излегуваше како да играм три партии во една. Навечер размислував за противникот, претпладне се подготвував за истиот тој и подоцна ја играв партијата. Некои порази ги паметам цел живот. Ми се случувало да станам навечер и да се чудам зошто не сум одиграл некој потег што бил очигледен и поради него сум изгубил или сум ремизирал добиена позиција. И како селектор чувствуваш нервоза, притисок, но сепак, не е исто.
Сте биле четири години во низа селектор на Македонија и сте ги воделе шахистите на две ЕП и на две ШО. Која година ви оставила особен впечаток?
– ЕП во 2007 година, во Ираклион, Крит. Го освоивме 17-то место со минимален пораз во последно коло од Полска. Со победа над нив, а во некои варијанти и со нерешено, ќе бевме меѓу првите 10 на табелата. Особено радува фактот дека цело ЕП игравме добро, со убави победи над Србија, Грција итн.
Дали на следната ШО и ЕП ќе продолжите со подмладување на репрезентацијата, кое веќе полека е почнато или ќе се потпрете и на постари и поискусни шахисти?
– Ќе се потпрам на најподготвените во моментот. Не е важно дали се помлади или постари.
Ќе побарате ли во иднина од ШФМ некои посебни услови за работа со репрезентативците и какви?
– Тоа секогаш е опција, но и најмногу зависи од финансиите. Да се има почести подготовки, тренери, кампови, секогаш е добредојдено.
Каква е иднината на македонскиот шах, имаме ли таленти што ќе ја однесат репрезентацијата повисоко на светската рејтинг-листа, и екипно и поединечно, и кои се тие?
– Се разбира дека македонскиот шах има иднина. Гледам голема масовност во последно време, а со правилна работа таа масовност мора да даде квалитет. Очекувам ИМ Филип Панчевски конечно да стане велемајстор, а и го заслужува тоа. Тука се уште и ИМ Никола Николовски, ИМ Тони Лазов, ФМ Емил Ристески, ФМ Андреј Велјаноски…
Како е да им се биде шаховски тренер на деца преку интернет и во живо, особено во познатата шаховска школа во Охајо, и што е најтешко при таа работа?
– Да истакнам дека е многу убава работа да им се биде шаховски тренер на деца, а особено ме прави среќен кога ќе видам дека тие деца постигнуваат успеси. Најтешко од сѐ е детето да ја одржи концентрација, да го мотивираш да учи да игра и да не се плаши дали ќе изгуби или ќе добие рејтинг-поени. Масовноста во САД е на многу високо ниво, бидејќи заклучиле дека придобивките од учењето и играњето шах се многу големи и ќе им користат понатаму во животот, без разлика на нивната идна професија. Се разбира дека кога одам во САД, со нашата школа организираме шаховски кампови за деца во живо. Што се однесува до мојата работа преку интернет, мал проблем е тоа што моите ученици во најголем дел се од САД, а таму временската разлика е обично шест, па и повеќе часа, што значи кога сум во Македонија часовите ги држам навечер, па често останувам без спиење.
Имате ли уште амбиции за да станете велемајстор (ВМ)? Засега имате само еден бал…
– Никогаш не се знае во животот дали повторно ќе имам амбиции да станам ВМ. Во еден период кога годишно играв активно на многу турнири почувствував дека можам да станам ВМ. Тие години играв добро. Проблем беше што немав финансиска поддршка за да можам да се концентрирам само на освојување на ВМ-титулата и да избирам турнири на кои ќе играм. Како и да е, задоволен сум со постигнатото, како на играчки така и на тренерски план.
Кизови – шаховско семејство
Атанас Кизов е роден на 12 март 1973 година во Скопје. Потекнува од шаховско семејство. Неговиот татко, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Ристо, и неговата мајка Лидија се поранешни истакнати шампиони на Македонија. Неговиот брат Владимир, исто така, е познат шахист, а сопругата на Владимир е поранешна репрезентативка на Македонија и учесничка на ШО, Александра Кизова, порано Јаневска. Атанас Кизов беше член на македонската репрезентација што беше на делба на 7.-13. место на Шаховската олимпијада во Турција во 2000 г., за што и доби награда заслужен спортист на Македонија за извонредни шаховски достигнувања. Победник е на повеќе меѓународни и домашни турнири во класичен, забрзан и во брз шах. Играл за клубови од Македонија, Србија, БиХ, Франција, со кои постигнал значајни резултати. Тој денес е главен тренер во познатата американска школа од Охајо, „ЦЦЛ ческул“, каде што часовите ги држи преку интернет, но и во живо, а организира и шаховски кампови.