ЕВРОПСКАТА НЕПРИНЦИПИЕЛНОСТ, ДВОЈНИТЕ АРШИНИ И МАКЕДОНСКОТО ГОРКО ИСКУСТВО

Со најновиот предлог за одложена примена на евентуалните уставни измени, односно тие да важат од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во парламентите на 27-те земји-членки на ЕУ се става на сериозен испит и меѓународната заедница, која треба да каже дали обврските и договореното еднакво важат за сите или само за Македонија. Зашто и во Преспанскиот договор со Грција, зад кој застана ЕУ, имаше одредби за одложена примена на одредени членови, односно тие да важат кога Македонија ќе почне да ги отвора поглавјата за преговори со Унијата. Тогаш ЕУ немаше ништо против ваквите одложени клаузули, како што има сега во случајот со внесување на Бугарите во Уставот. Во меѓувреме целиот Преспански договор е имлементиран од наша страна, до последна точка и запирка, (па дури брусевме и канализациски шахти), додека Грција не спроведе речиси ништо од договореното. Каде се тука европската принципиелност и правичност

Има една македонска изрека што вели „атер мома – мев до заби“, која може да послужи како илустрација за односот на Европа кон Македонија и нејзините двојни аршини во примената и толкувањето на меѓународните договори и одредбите во нив. Македонија, настојувајќи да им угоди на Европа и на соседите (особено на Грција и Бугарија), изминативе години многу често беше изиграна, уценета, понижена и обесправена. За жал, таквиот тренд продолжува и сега, што ја наметнува дилемата дали обврските и договореното еднакво важат за сите или само за Македонија.

Меѓународната заедница со двовалентен третман на клаузулите за одложување на извршувањето

И со најновиот предлог за одложена примена на евентуалните уставни измени, односно тие да важат од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во парламентите на 27-те земји-членки на ЕУ се ставаат на сериозен испит меѓународната заедница и нејзиното толкување на меѓународните договори и акти каде што таа се јавува како гарант.

Деновиве во телевизиско интервју, амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, осврнувајќи се на договорот со Бугарија, експлицитно нагласи дека тој е договорот и Македонија треба да го исполни во целост. Со тоа евроамбасадорот практично ја затвора вратата за предлогот за одложена примена на уставните измени, односно тие да важат од денот кога државата ќе стане дел од ЕУ. Или, со други зборови, евроамбасадорот кажува дека ЕУ нема да прифати каков било компромис за одложена примена на уставните измени.
– Целиот договор беше компромис со цел да мрдне работата. Многу сме внесени во случајов. Сакаме државата да стане членка на ЕУ. Мислиме дека земјата ќе дава добар придонес во Унијата и ќе биде попросперитетна, побезбедна и посигурна, а истото важи и за ЕУ. Тој е договорот. Не постои друг. Сега е на ред С. Македонија. Не постои можност за промена на одлуките. Тие се веќе донесени. Ако се направи промената, ќе продолжиме напред – порача амбасадорот Гир, нагласувајќи дека сега следува тешкиот дел – реформите и преземањето на неопходните чекори, што значи гласање на уставните промени.

Но меѓународната заедница воопшто немаше ваков дециден и категоричен став претходно во однос на (не)почитувањето и (не)примената на одредбите од други договори, каде што таа е вклучена или се јавува како гарант. Во Преспанскиот договор со Грција, зад кој застана и ЕУ, имаше договорни клаузули за одложена примена на одредени членови, односно тие да важат откако Македонија ќе почне да ги отвора поглавјата за преговори со Унијата. Македонија сѐ уште ниту ги почнала преговорите ниту отворила некое поглавје. Во меѓувреме целиот Преспански договор е имплементиран од наша страна, до последна точка и запирка, (па дури брусевме и канализациски шахти), додека Грција не спроведе речиси ништо од договореното. И притоа никој не посочи со прст кон Грција, од меѓународната заедница и од ЕУ не чувме ниту збор, ниту притисок, ниту евентуална критика, да каже дека Грција е на ред и дека треба да ги исполни обврските и одредбите од Преспанскиот договор, како што сега ни кажуваат нам да го смениме Уставот.

Очигледни се показателите на непринципиелноста на ЕУ

Аналитичарите се категорични дека со непочитувањето на одредбите на Преспанскиот договор од страна на Грција ѝ е направена штета на Македонија.
– Преспанскиот договор беше врзан со почнување на пристапни преговори на Македонија со ЕУ. Значи во него имаше јасно нагласени одложени клаузули, како што сега се бара и со Бугарија. Во таа смисла отворањето на поглавјата требаше да се одвива паралелно со исполнување определени одредби од Преспанскиот договор. Со политичките тактизирања и во Грција и во Европа (да не заборавиме во тој период ЕУ ја смени и методологијата на преговори) и непочнувањето на преговорите со Унијата ѝ е направена штета врз Македонија. Освен што Грција го прекрши Преспанскиот договор, потоа следуваше и смислена подземна кампања на сѐ почеста употребата на термините „северномакедонци“ за народот и „северномакедонски“ за јазикот, што во неколку наврати ја користеа и челници на ЕУ. Сето ова е одраз на непринципиелноста и на ЕУ и на Грција во однос на договорите – оценуваат аналитичарите.

Универзитетскиот професор по уставно право Александар Спасеновски, во однос на одложеното стапување на уставните измени, сѐ до членство на Македонија во Европската Унија, вели дека од внатрешноправен аспект тоа е можно, потенцирајќи дека Македонија има пракса со одложени уставни измени.
– Доколку анализираме од внатрешноправен аспект дали е можно, одговорот е да, и тоа ќе се предвиди во уставниот закон за спроведување на Уставот, кој би се усвоил веднаш по одлуката за прогласување на Уставот. Тоа веќе еднаш го имаме направено по последните уставни измени од 2019 година, кога во уставниот закон за спроведување на Уставот во неговиот член 1 беше предвидено дека овие уставни измени ќе стапат во сила во моментот кога ќе престане важењето на привремената спогодба и кога ќе стапи во сила протоколот за членство на државата во НАТО – објаснува Спасеновски.

Во однос на можноста за одложена примена на договорните клаузули, како и промени во преговарачката рамка, свое стручно мислење дава и аналитичарот и правник Сотир Костов.
– Има договорно право, облигации, значи меѓусебно сѐ може да се договори. Не е ништо егзактно да не можеш да договораш, но откога ќе се договориш, тоа е друго. Србите и Црногорците ја сменија преговарачката рамка, можеме и ние. Во договорот со Грција имаше неколку одложни клаузули, зошто да нема сега и со Бугарија одложни клаузули за уставните измени – вели Костов.

Според него, сето тоа е прашање на договор меѓу двете страни. Во прашање се националните и државните интереси поради што Македонија, односно сега опозицијата, бара одложено да важат уставните измени. Впрочем како може нешто да важи претходно и да има клаузули со одложено дејство, при договорот со Грција, а сега не може да важи во договорот со Бугарија. А веќе имаме позитивна пракса на менување на договорната рамка и преку примерот на Србија и Црна Гора – нагласува Костов.

Од примарно значење е да се заштитат македонските национални и државни интереси и во ЕУ да влеземе како Македонци

И претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, е на став дека од примарно значење е да се заштитат македонските национални и државни интереси и во ЕУ да влеземе како Македонци.
– Кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ, тогаш да почне и работата на мешаната комисија – без притисоци и без уцени, со објективно оценување на историските прашања и образовните предизвици – предлага академик Коцарев.
Се вели дека во политиката ништо не е вечно, освен интересите.
Македонија досега ги почитуваше интересите на другите, наспроти непримерното и противправно европско поведение. Сега крајно време е другите да ги уважат интересите на Македонија и на македонскиот народ, кои патем целосно се во согласност и со меѓународните правни акти и документи.