ШАХ – ЕКИПНО СП ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

Македонската репрезентација забележа два пораза во низа на 9. Светско првенство (СП) во шах за слепи и за слабовидни лица во Охрид, во четвртото коло од Израел и во петтото од Србија, со идентичен резултат, 0,5-3.5. Против Србија, на првата табла само Жарко Селковски (рејтинг 1.967) сo бели фигури ремизира со силниот ФИДЕ-мајстор Павле Димиќ (2.356), а Миле Чапанов, Зоран Костадиновски и Трајче Димов загубија. На дуелот со Израел, само Чапанов (1.945) со црни фигури на втората табла го подели поенот со Јан Радовилски (2.094), а Селковски, Костадиновски и Блаже Атанасовски загубија.
По овие два пораза, Македонија падна од третото на седмото, претпоследно место во својата група. На табелата во оваа група води Шпанија, со осум бода (12 поени по табли), а следуваат Србија со седум (14), Германија со седум (11,5), Италија со пет (10,5), Индија со пет (10), Македонија со четири (7,5) и Хрватска без екипни бодови (4,5). Во претпоследното коло од дуелите по групи, Македонија вчера играше со Германија. Резултати од втората група, петто коло: Украина – Косово 3,5-0,5, Унгарија – Романија 2,5-1,5, Бугарија – Полска 1,5-2,5, Словенија – Франција 0,5-3,5. Taбела: Полска и Украина по девет бода и 16 поени по табли, Унгарија осум (11,5), Франција четири (7), Бугарија три (10), Романија три (8,5), Словенија два (6,5), Косово два (4,5). По седум кола најдобрите две репрезентации од двете групи одат во полуфиналето. Г.И.