Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ – ЕКИПНО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ВЕТЕРАНИ ВО СТРУГА

Во категоријата над 50 години се пријавени 22 екипи од 16 федерации, од кои најмногубројни се Англичаните. Во категоријата над 65 години ќе играат 26 екипи од 20 федерации, а најмногубројни се Финците, Австријците и Германците

Македонија ќе настапи со вкупно три селекции на 31. Светско екипно првенство (СП) во класичен шах за ветерани, во категориите над 50 и над 65 години, од 18 до 29 септември во Струга, во девет натпреварувачки кола. Во категоријата над 50 години, тоа се екипите на Македонија Алкалоид и Македонија, селекција составени од слепи и слабовидни шахисти. Во категоријата над 65 години ќе игра екипата на Македонија. Според соопштението на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), СП требаше да се игра одвоено во машка и во женска конкуренција, само ако учествуваат најмалку 10 женски екипи од барем два континента, но бидејќи има пријавено само по две екипи над 50 и над 65 години и шаховските дами ќе играат на отворениот турнир заедно со мажите.

Во категоријата над 50 години се пријавени 22 екипи од 16 федерации, од кои најмногубројни се Англичаните (четири екипи, од кои една е женска екипа), Македонија и САД имаат по две, а Кина една екипа, и тоа женска. Вкупно се пријавени 91 шахист од кои 21 ВМ, три ЖВМ, 10 ИМ, четири ЖИМ, 13 ФМ, две ЖФМ. Прворангиран е истакнатиот англиски ВМ Мајкл Адамс (2.685 рејтинг-поени), а меѓу екипите Англија (2.469). Македонија Алкалоид е второрангирана (2.449), а втората селекција на Македонија е 19-та.

Во категоријата над 65 години се пријавени 26 екипи од 20 федерации или вкупно 121 шахист, од кои 11 ВМ, 16 ИМ, два ЖИМ, 21 ФМ, три ЖФМ. Најмногубројни се Финците, Австријците и Германците со по три селекции, а Англија има две. Женските екипи во оваа категорија се од Летонија и од Австрија, шахист со највисок рејтинг е прославениот англиски ВМ и светски признаен шаховски проблемист Џон Нан (2.569), а екипа Германија Ласкер (2.361). Македонија е рангирана на 18-то место.
Федерациите членки на ФИДЕ имаа право да испратат неограничен број екипи, СП се игра на по четири табли (со една резерва), со класично темпо на размислување. Наградниот фонд е 10.000 евра, победникот во машка ќе добие 1.200, а во женска конкуренција 400 евра, како и медали поединечно по табла. Првото коло е на 19 септември, а по четвртото е единствениот слободен ден. На СП 2022 во Италија во категоријата над 50 години (меѓу 50 селекции) и во категоријата над 65 години (23 селекции) триумфира Англија. Г.И.