Како и во претходните изданија, четирите земји домаќини имаат право да изберат една репрезентација меѓу оние што се квалификувани да ѝ се приклучи на групата на која ќе бидат домаќини, пишува ЦЕВ. За Македонија тоа ќе биде трето учество на ЕП во одбојка, трето во низа, откако во 2019 година беше на 17-то место, а во 2021 година на 23-то
ОДБОЈКА
Неапол (Италија) денеска, во 17 часот, ќе пречека голем дел од европското одбојкарско семејство, за извлекувањето на групите за европските првенства (ЕП), од кои на тоа за мажи домаќини се Македонија, Италија, Бугарија и Израел. На ЕП од 28 август до 16 септември в година ќе учествуваат вкупно 24 репрезентации, Македонија ќе биде домаќин на групата Ц, во Скопје. Во Италија ќе се играат групата А и сите мечеви во нокаут-фазата, и тоа во Рим, Перуџа, Анкона, Бари и во Болоња, Бугарија ќе биде домаќин на групата Б во Варна, а Израел на групата Д во Тел Авив.
Актуелниот светски и европски шампион, Италија, ќе ја има предноста на домашен терен, од групната фаза до натпреварите за медали, доколку стигне до последната фаза од натпреварувањето, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата интернет-страница. „Азурите“ ќе бркаат понатамошна слава по нивниот успех лани во Катовице, повторен во почетокот на септември, кога го победија домаќинот Полска во последниот натпревар од Светското првенство за мажи, на истото место.
Белгија, Италија, Естонија и Германија се четирите земји што треба да бидат домаќини на ЕП во женска конкуренција. ЕП се враќа во Белгија откако оваа земја беше домаќин на изданието во 1987 година, како и на натпревари на турнирите во 2007 и во 2015 година, заедно со Луксембург, односно со Холандија. Италија е актуелен европски шампион и ќе се обиде да се натпреварува на домашен терен до четврт-финалето.
Извлекувањето на ждрепката за двете ЕП ќе вклучи по 24 репрезентации што го обезбедија своето учество на Евроволеј 2023, врз основа на нивниот статус како земји домаќини, остварениот пласман на ЕП 2021 или нивниот настап во квалификациите. Како и во претходните изданија, четирите земји домаќини имаат право да изберат една репрезентација меѓу оние што се квалификувани да ѝ се приклучи на групата на која ќе бидат домаќини, пишува ЦЕВ.
За Македонија тоа ќе биде трето учество на европските првенства во одбојка, трето во низа, откако во 2019 година беше на 17-то место, а во 2021 година на 23-то.
УЧЕСНИЦИ НА ЕП 2023 ЗА МАЖИ
Македонија
Италија
Бугарија
Израел
Словенија
Полска
Србија
Холандија
Германија
Чешка
Франција
Украина
Турција
Финска
Белгија
Португалија
Грција
Шпанија
Романија
Швајцарија
Данска
Црна Гора
Естонија
Хрватска